АНКАРА (АА) - Мевлут Чавушоглу, шеф на турската дипломатија, и Зигмар Габриел, шеф на германската дипломатија, по тет-а-тет средбата на делегациите во Анкара, одржаа заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу изјави дека на средбите станало збор и за барањето на германските пратеници да ја посетат воената база „Инџирлик“, потсетувајќи дека за истото прашање на самитот во Брисел, одржан на 24 - 25 мај, разговарале и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со германската канцеларка Ангела Меркел.
Министерот Чавушоглу на прес-конференцијата соопшти: „Како што на средбата во Брисел, нашиот претседател Ердоган ѝ соопшти на канцеларката Меркел, нашиот предлог е германската делегација во моментов да ја посети базата на НАТО во Коња. Корисно е да се почне со тоа. Ова, вклучувајќи го и 'Инџирлик', беше дел од денешните разговори. Во моментов, може да се посети базата на НАТО во Коња, а не во Инџирлик. Тоа и претходно го соопштивме, јас лично реков дека може да се посети Коња“.
- „Тажни сме поради моменталната ситуација поврзана со Катар“ -
За кризата којашто настана меѓу Катар и некои арапски земји, министерот Чавушоглу изјави: „Потребно е да продолжи дијалогот, за да може настанатиот проблем да се реши на мирен начин. Тажни сме поради моменталната ситуација. Ќе се обидеме да ја дадеме сета наша поддршка за нормализирање на ситуацијата“.
Чавушоглу истакна дека двете земји се мошне значајни партнери и сојузници за Европа. „За подобрување на односите, вложуваме напори заедно со министерот Зигмар Габриел. Затоа, денешната посета е од големо значење. Меѓутоа, треба да се прифати и фактот што во моментов постои атмосфера којашто негативно влијае врз нашите билатерални односи, дури и врз соработката на регионално ниво. На денешната средба, со цел да се измени оваа атмосфера, имавме можност да разговараме за изнаоѓање на вистинските чекори што треба да ги направиме заедно, за да нашите билатерални врски одново добијат енергија“, додаде Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу истакна дека и на средбите одржани по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ во Малта, разгледувани се чекорите коишто ќе бидат преземени за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји. „Доколку Германија направи некој позитивен чекор кон нас, ние како и секогаш, ќе направиме два чекора. Но не можеме да замижиме пред некои постоечки ситуации“, рече министерот Чавушоглу.
Тој исто така посочи дека на тет-а-тет средбата на делегациите се зборувало за тоа како Турција гладе на моменталната ситуација меѓу двете земји и биле наведени постоечките проблеми. „Генерално гледано, еден од проблемите е негативното гледиште во Германија кон Турција. Таквиот пристап кон Турција во Германија им го отвора патот на расизмот и на ксенофобијата, и истовремено им служи на екстремистичките партии. Во последно време, постои сериозен пораст на нападите врз верските објекти и врз нашите државјани кои живеат таму. Мојот пријател Зигмар го признава ова. Вушност, овој проблем во Германија, истовремено е проблем што постои и во цела Европа“, рече министерот Чавушоглу.
- „Германија не треба да биде централно засолниште на нашите непријатели“ -
Чавушоглу се надоврза и на постоењето на членовите на терористичката организација ФЕТО во Германија. Тој изјави дека Германија не треба да биде центар во кој ќе се засолнуваат членовите на терористичката организација ФЕТО и лицата кои учествувале во обидот за државен удар. Тие треба да ѝ бидат испорачани на Турција.
„Постои договор меѓу нас, и во вакви ситуации можна е испорака. И ние и Германија имаме таков вид на договори за соработка со други земји. Во Германија се засолнуваат дипломати, војници, обвинители, судии. Нашата пријателска земја Германија не треба да биде центар за засолнување на нашите непријатели. Наше природно право е како пријател и како сојузник, од Германија да очекуваме таа да преземе посериозни чекори по ова прашање“, изјави министерот Чавушоглу.
На прашањето дали добиле листа од германските пратеници кои сакаат да ја посетат базата на НАТО „Инџирлик“, Чавушоглу рече дека немаат добиено никаква листа. Тој одговори дека во моментов не се подобни условите за посета на базата „Инџирлик“, и истакна дека по нормализирањето на условите, ќе може да се направат некои заеднички чекори.
- „ПКК е закана за сите“ -
Министерот за надворешни работи, Чавушоглу, на прашањето околу приведениот Дениз Јуџел, новинар на германскиот весник „Die Welt“ (Велт), истакна дека обвинувањата не се поврзани со неговото новинарство, туку со тероризам. Како што во Германија постои независно судство, министерот Чавушоглу изјави дека и во Турција продолжува истрагата којашто ја води независното судство, додавајќи дека како министер за надворешни работи им ја дава сета потребна помош.
Тој изјави дека разузнавачките служби од европските земји, во последно време ги користат новинарите во Турција како нивни агенти, а откако тие новинари ќе бидат фатени, истите земји го поставуваат прашањето: 'Како можете да ги приведете?'. Министерот Чавушоглу изјави дека во врска со новинарот Дениз Јуџел, германскиот министер имал одредени барања, кои со задоволство ќе им ги пренесе на своите колеги.
На прашањето за барањата на Турција околу активностите на терористичката организација ПКК во Германија, министерот Чавушоглу рече дека членовите на оваа организација насилно собирале пари од турските државјани во Германија и имале илегални активности во таа земја. „Во секој криминал е замешана ПКК. Потребно е да се преземат превентивни мерки против тоа. ПКК е наш непријател. ПКК е закана за сите. Видете, доколку Германија утре преземе превентивни мерки против нив, тие ќе предизвикаат немири и во Германија. Ние не го сакаме тоа, но ПКК е таква терористичка организација“, рече Чавушоглу.
Тој потсети дека во Германија веќе подолг период се води истрага за 4.500 членови на ПКК, а од нив, донесена е одлука за само три до четири случаи, и истакна дека очекува разврска од оваа истрага.
- Министерот Габриел: Не изнајдовме решение за испорака на членовите на ФЕТО -
Министерот за надворешни работи на Германија, Габриел, изјави дека двете држави не пронашле решение во врска барањето на Турција за испорака на членовите на терористичката организација ФЕТО кои побарале азил во Германија.
news_share_descriptionsubscription_contact
