Meltem Bulur
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу изјави дека денеска во сирискиот град Алепо сме сведоци на најбруталната димензија на насилството во историјата на човештвото, и дека Турција нема да молчи, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска во Анкара, турскиот министер Чавушоглу се сретна со чешкиот министер за надворешни работи, Љубомир Заоралек. По состанокот што се одржа зад затворени врати, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Чавушоглу изјави дека за време на состанокот станало збор за билатералната соработка меѓу двете земји, а ја разгледале и ситуацијата во Сирија.
Во врска со утрешната средба меѓу Турција и Русија за случувањата во сирискиот град Алепо, Чавушоглу истакна дека Турција ги вложува сите напори за прекин на насилството во Сирија.
„Вложуваме големи напори за да се прекине насилството во Алепо и во Сирија. Во тој правец преговараме на билатерално ниво со земјите што одблиску се занимаваат со Сирија, а тоа се Русија и Иран, како и многу други земји, за да може да се воспостави примирје, на цивилите да им биде испорачана хуманитарна помош и да се најде политичко решение“, рече Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу изјави дека досега Турција понудила конкретни предлози за решавање на сириското прашање.
Нудевме конкретни предлози, но увидовме дека многу земји не се искрени. Видовме дека го оставија Алепо, видовме дека и покрај ветувањето за примирје, продолжија да го бомбардираат овој град. Примирјето е особено потребно за евакуација на цивилите од овој регион. Бомбардирани се болници, за да не можат да се лекуваат луѓето во нив“, рече Чавушоглу.
„Во Алепо денеска сме сведоци на најбруталната димензија на насилството во историјата на човештвото. За тоа се одговорни режимот на Асад и неговите сојузници. Не дозволуваат ниту да се евакуираат ранетите. Луѓето умираат од глад. Накратко, сѐ што е нечовечко, денеска се случува во Алепо“, рече Чавушоглу.
Тој порача дека иако сите молчат, Турција нема да остане нема.
„Ќе продолжиме со нашите напори и преговори со сите страни што ги наведов, за да најдеме решение за ова прашање. За злото во Алепо одговорни се оние што го направија, но исто така и оние што ќе го премолчат“, порача турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.