Zülfiya Yakup
27 Април 2017•Ажурирај: 27 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Апелациониот суд во францускиот град Колмар денес го ослободи Рамуш Харадинај, лидерот на Алијансата за иднина на Косово. Судот го одби барањето тој да биде испорачан на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Србија го обвинува за воено злосторство извршено во текот на војната во Косово, во периодот 1998 и 1999 година. Рочиштето траеше само неколку минути. Во судницата во Колмар присуствуваа најблиските соработници на Харадинај.
„Одбиено е барањето за мое испорачување. Отсега сум слободен и одам да го подигнам мојот пасош. Денес се враќам во Косово“, рече Харадинај по ослободувањето.
Харадинај за време на војната беше еден од командантите на Ослободителната војска на Косово во зоната Дукаѓин. Уапсен е на 4. јануари, на аеродромот во Базел, од страна на француската полиција по потерница што за него ја издаде Србија. Потоа Судот во Колмар на 12. јануари донесе одука условно да го ослободи, односно мораше да остане во Франција до изрекување на одлуката на судот за барањето на Србија за негово испорачување.
Харадинај пред Судот во Колмар се појави на 1 и на 9 февруари, како и на 2 март, но судот бараше дополнителни докази од Србија.
Рамуш Харадинај претходно изјави дека тој е политички заложник, и дека барањето на Србија за негово испорачување претставува „директен повик за војна“.
Рамуш Харадинај, поранешен косовски премиер, во Хашкиот суд двапати беше ослободуван од обвинението за воени злосторства.