Ekipa
26 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Обвинителството на Република Турција издаде налог за приведување на 30 осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, вклучувајќи и активни припадници на морнарицата и крајбрежната стража, јавува Anadolu Agency (AA).
Државното обвинителство во Анкара води истрага против терористичката организација ФЕТО, а за поврзаност со таа организација осомничени се и суспендирани сè уште активни офицери на поморските сили.
На листата за приведување е и шефот на кабинетот на Командата на крајбрежната стража со чин мајор.
Меѓу осомничените се и 13 припадници на Командата на морнарицата кои се сметаат за прикриени имами на ФЕТО во овие турски сили.
Шестмина од листата осомничени се наоѓаат во странство.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, полицискиот Оддел за борба против тероризмот утринава започна акции за приведување во Анкара, Истанбул, Измир, Коџаели, Баликесир и Артвин.
Паралелно со тоа, Државното обвинителство во Анкара во одвоена истрага утринава нареди приведување на шестмина активни подофицери на турската жандармерија.
И оваа група се товари за директна поврзаност со терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО во 1970-тите години почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во 1980-тите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на 15 јули 2016 година, изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.