Ecenur Çolak
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Од Министерството за надворешни работи на Турција се повикува да се укаже внимание на референдумот во северен Ирак, односно дека ќе има последици поради инсистирањето на Регионалната курдска управа во северен Ирак за одржувањето на референдумот за независност, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството ја поздравија одлуката на Парламентот на Ирак, кој со мнозинство гласови на 12 септември го отфрли барањето на Регионалната курдска управа во северен Ирак за одржување на референдум за независност на тој регион.
„Цврсто ја поддржуваме одлуката на ирачкиот Парламент донесена на 12 септември, и ја гледаме како јасен израз на важноста којашто се припишува на политичкото заедништво и на територијалната целовитост на Ирак“, се наведува во соопштението.
Се додава дека е загрижувачки тоа што лидерите на Регионалната курдска управа во северен Ирак, и покрај предупредувањата од Турција и од истакнати членови на меѓународната заедница, инсистираат на референдум.
„Нагласуваме дека е потребно да се обрне внимание на тоа дека сигурно ќе има последици на инсистирањето во ставот кога станува збор за референдумот, и покрај сите пријателски препораки. Ја повикуваме Регионалната курдска самоуправа во северен Ирак да дејствува што е можно поскоро во согласност со здравиот разум и да се откаже од споменатиот погрешен пристап“, се соопштува од Министерството.
Се додава дека Турција сака односите Багдад- Ербил да се раководат врз уставна и правна подлога. Исто така, се истакнува дека Турција е подготвена да стори сѐ што е во нејзина моќ со цел да ги зајакне односите помеѓу централната власт и Регионалната курдска управа во рамките на територијалната целовитост, политичкото заедништво и взаемната корист.
Претседателот на Регионалната курдска управа, Месут Барзани, на почетокот на месец јуни најави дека на 25 септември во тој регион ќе се одржи референдум за независност, што предизвика продлабочување на веќе длабоката политичка криза во Ирак.