Hamdi Çelikbaş
22 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, вечерва телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Ageny (AA).
Од Кабинетот на турскиот претседател соопштено е дека Ердоган и Трамп разговарале за билатерални теми, за борбата против тероризмот, за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги и актуелната ситуација во со војна зафатената Сирија.
Во соопштението се наведува дека Ердоган и Трамп зборувале и за правната постапка во случајот со американскиот свештеник Ендрју Брансон, како и за борбата против сите терористички организации, вклучувајќи ја и ФЕТО.
Ердоган и Трамп ја потврдија одлучноста за нормализирање и подобрување на турско-американските односи на сите полиња.
Соговорниците исто така се согласни за потребата од имплементацијата на турско-американскиот договор за подрачјето на сириски Мунбич, како и за турско-рускиот договор за демилитаризираната зона во Идлиб.
Ердоган и Трамп разговараа и за неопходноста од што поскоро расветлување на сите детали за убиството на новинарот Кашогџи во саудискиот конзулат во Истанбул.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во конзулатот.
Истрагата за убиството сè уште е во тек, а главната задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.