Ekipa
21 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган свечено ја отвори втората етапа од метрото во азискиот дел на Истанбул, и порача дека тој град постепено се движи кон остварување на целта да стане глобален центар, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за метро железницата Ускудар-Чекмекој-Санџактепе, со која патниците ќе патуваат без возач.
Ердоган рече дека проектот требало да биде завршен порано, но дека се доцнело поради пролонгирање на археолошките ископувања во Ускудар и поради специфичните тестирања, со оглед на тоа што станува збор за метро без возач.
„Со проектите кои се во тек, следната година ќе имаме 355 километри железница, ние сме посветени кон реализацијата на најавените планови со кои ќе добиеме над илјада километри железница“, рече Ердоган.
Тој, исто така, најави дека свеченото отворање на третиот аеродром во Истанбул ќе се одржи на 29 октомври.
Додаде дека на подрачјето на сегашниот аеродром „Ататурк“ ќе се изгради народен парк, а објектите околу него ќе бидат претворени во престижен саемски центар.
Метро железницата без возач од Ускудар до Умраније беше отворена минатата година, во должина од 10,5 километри, а денес отворената етапа од Умраније до Чекмекој е долга 9,5 километри.
„Во текот на изминатите 11 месеци, метрото без возач превезе 15 милиони патници. Патот од Умраније до Чекмекој ќе трае 27 минути. Дневниот капацитет на метрото е 700.000 патници“, рече Ердоган, и најави продолжување на проектите со цел решавање на сообраќајниот метеж во градот на Босфорот.
Турскиот претседател Ердоган кратко се осврна и на убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул и порача дека Турција од почетокот претпазливо пристапува кон целиот случај.
Тој истакна дека Турција е одлучна во утврдувањето на вистината и задоволувањето на правдата, и порача дека Турција следи и кој што зборува за тоа деновиве.
Ердоган најави дека во вторник за време на обраќањето во Клубот на парламентарните претставници од Партијата на правдата и развојот (AK Parti) детално ќе говори за убиството на новинарот Кашоги.
„Зошто овде дојдоа 15 луѓе? Зошто се уапсени 18 лица? Сите тие детали треба да се расветлат. За тоа детално и со поинаков тон ќе говорам во вторник, на седницата во Клубот на пратеници“, рече Ердоган.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во конзулатот.
Истрагата за убиството сè уште е во тек, а главната задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.