Kaan Bozdoğan
21 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
АДИЈАМАН (АА) - Примерок од видот турски гулаб-вртач (дунек) наречен Крал, од Адијаман во Турција, е проценет на 100.000 лири (околу 15.300 евра), а сопственикот ги одбива понудите миленичето да го замени за автомобил, пишува Anadolu Agency (AA).
Одгледувачите низ земјата, а и пошироко, особено внимание посветуваат на одгледувањето на гулабот од овој вид, кој со својот изглед привлекува големо внимание на пазарот.
На цената влијаат бојата и другите физички карактеристики. Додека едни со пари сакаат да ги купат овие птици кои во просек живеат 15 години, други за нив нудат движен, па дури и недвижен имот.

Еркан Туркоглу, минатата година Кралот го купил од челниците на Здружението за заштита и одгледување на птици во Адијаман. Изјави дека многумина ја сакаат птицата, стара 2,5 години.
Туркоглу за АА изјави дека поединци за птицата му нуделе автомобил во вредност од 35.000 до 40.000 лири (околу 5.000 - 6.000 евра), чија понуда не ја прифатил.
„Доаѓаа луѓе и во замена нудеа автомобил. Ми даваа клуч, но не сакав размена. Тоа беше автомобил од 35.000 до 40.000 лири, а јас за Кралот сакам 100.000“, изјави Туркоглу.
Со одгледување на птици се занимава 30 години. За птицата Херкул, која е една од предците на Кралот, во 2012 година му нуделе 25.000 лири (околу 3.800 евра), но ни таа цена не ја прифатил.
Херкул загинал во 2014 година, а Туркоглу посебно се поврзал со неговото потомство.

Челникот на Здружението за заштита и одледување на птици во Адијаман, Низаметин Финдаџи, изјави дека Здружението е основано во 1997 година и дека вбројува 127 члена.
Тој додаде дека членовите на Здружението досега освоиле медали и пехари на повеќе од 50 натпревари, и дека за овие натпревари во Турција, интерес покажуваат домашните, но и странските одгледувачи. Фиданџи изјави дека птиците се оценуваат по 12 критериуми, меѓу кои се обликот и должината на крилјата, клунот, бојата на пердувите и слично на тоа.
Истакна дека птиците за нив се како членови на семејството и дека посветуваат големо внимание на нивната исхрана.
Смета дека одгледувањето птици е своевидна терапија и начин на опуштање, а не само хоби.