Enes Kaplan
02 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
АНКАРА (AA) – Министерот за правда на Република Турција Абдулхамит Ѓул порача дека надвор од Турција нема никаков имот, ниту пари, јавува Anadolu Agency (AA).
Со наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, американското Министерство на трезори воведе денеска санкции на турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул и министерот за внатрешни работи на таа земја Сулејман Сојлу.
Ѓул во пораката на Твитер откри дека нема имот надвор од Турција, кој САД би можел да му го блокира.
„Немам сон освен да живеам и умрам на оваа земја. Во САД, ниту во било која држава надвор од Турција нема ниту едно засадено стебло, ниту било какви пари", порача Ѓул.
Претходно на американските санкции реагираше и шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, кој порача дека одлуката на администрацијата на САД за воведување санкции на двајцата турски министри нема да остане без одговор.
„Нема да можеме да го решаваме проблемот се додека администрацијата на САД не разбере дека на таков начин не може да ги оствари своите незаконски барања" порача Чавушоглу на Твитер.
Министерството за надворешни работи на Република Турција упати остар протест поради санкциите кои Министерството на трезори на САД ги објави вечерва.
„Ја повикуваме администрацијата на САД да се откаже од таа погрешна одлука. Без одложување ќе одговориме со иста мерка на агресивниот пристап на САД, кој за ништо не придонесува, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Турција.
- Соопштение на Белата куќа за санкциите кои претставуваат мешање во работа на турското правосудство
Гласноговорничката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека САД ќе воведат санкции на турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул и министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, а повод за санкциите наведе дека е тоа што американскиот свештеник Ендрју Брансон сеуште не е пуштен на слобода поради судската постапка која се води против него во Турција.
„Со наредба на претседателот Трамп, Министерството на трезори на САД воведува санкции на турските министри за внатрешни работи и правда кои учествуваа во процесот на апсење и одредување притвор на свештеникот Брансон", рече Сандерс.
Таа најави дека имотот, доколку постои, на двајцата турски министри во САД ќе биде блокиран. Американското Министерство на трезои објави пишано соопштение во кое се наведува дека турските министри Гул и Сојлу се ставени на листата на санцкионирани, поради нивната улога во апсење и притвор на свештеникот Брунсон.
САД го замрзнува евентуалниот имот на нејзино тло и забранува трговски односи со Американците за сите лица кои се на листата на санкционирани. Таков случај најавен е и за двајцата турски министри.
Брансон е уапсен на 9 декември 2016 година и од тогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за делување и шпиунажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. Му се заканува затворска казна во траење до 35 години.