Ekipa
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Генералштабот на турската војска денес соопшти дека во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ загинале тројца турски војници, а дека 11 припадници на турската војска се ранети кога руски авион по грешка бомбардирал зграда во која се наоѓале војниците, јавува Anadolu Agency (AA).
„На подрачјето на воените активности во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат”, денес околу 8.40 часот, еден воен авион на Руската Федерација при бомбардирање на позициите на ДЕАШ, по грешка бомбардираше зграда во која се наоѓаа припадници на Турските вооружени сили (ТСК). Како последица на експлозијата загинаа тројца наши војници, а 11 се ранети, од кои еден потешко. Нашите ранети војници итно се транспортирани во медицинските центри“, се вели во соопштението на Генералштабот на турската војска.
Во соопштението се наведува и дека руските официјални лица нагласиле дека се работи за несреќа, при што се упатени пораки на сочувство по повод загинувањето на турските војници. Исто така, се наведува дека руската и турската страна заеднички ќе спроведат детална истрага за овој случај.
Во врска со утринскиот настан разговараа и претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин. Рускиот претседател упати порака на сочувство до турскиот претседател Ердоган и изрази жалење поради несреќата.
„Упатуваме пораки на сочувство по повод болниот и тажен настан во кој загинаа војници. Сочувство изразуваме и до семејствата на загинатите војници, до Вооружените сили на Република Турција и до целиот турски народ. На ранетите војници им посакуваме побрзо закрепнување“, се вели во пораката.