?kipa
18 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за Европска Унија (ЕУ), Омер Челик, изјави дека Турција во последниот Извештај на Европската комисија за нејзиниот напредок во процесот на интеграција не гледа објективна, основана и конструктивна критика која се базира на факти и перспектива за позитивна иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик се осврна на вчера објавениот Извештај на Европската комисија и истакна дека овој вид извештај по природа е критика врз база на дијагностицирани недостатоци на процесот на интеграција и оти Турција не се плаши од конкретни критики, туку дека ги смета корисни за целиот процес.
Истакнувајќи дека Турција прифаќа каква било конструктивна критика врз основа на перспективите за иднината, Челик рече дека демократијата дава право на критики.
„Меѓутоа, во овој случај, во Извештајот не гледаме објективна критика базирана на факти и позитивна агенда, ниту пак, тој Извештај нуди одредена перспектива за иднината“, рече Челик.
Нагласувајќи дека практиките во Турција не се во спротивност со практиката на Европскиот суд за човекови права, Челик рече дека демократија нема онаму каде што се шири пропаганда и каде што се поддржува тероризмот.
Изразувајќи задоволство што Комисијата уште еднаш нагласила дека ПКК е терористичка организација, Челик рече дека Турција го осудува отсуството на конкретна борба против тероризмот и нападите што ги изведува ПКК против Турција и нејзиниот народ.
„За крајно погрешно го сметаме тоа што во извештаите терористичката организација ФЕТО и понатаму се нарекува Движење на Ѓулен и се користи реторика како да станува збор за безопасна невладина организација. Паралелно со тоа, во Извештајот се наведува дека нашата Влада го прогласила тоа движење за терористичка организација. И тоа е одреден напредок, но не е напредок во конкретна смисла“, порача Челик.
Ресорниот турски министер рече дека вчера објавениот Извештај на Европската комисија не ја одразува актуелната состојба и дека е без визија и корисна содржина.
„Турција е европска држава и силна земја на европската демократија. Во контекст на зајакнување на Европа, нашата порака е дека повеќе Европа значи поголемо зближување и соработка со Турција“, порача Челик.