Meltem Bulur
08 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара се состана со својот колега од Босна и Херцеговина, Игор Црнадак. По средбата двајцата колеги одржаа прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор во врска со операцијата за ослободување на сирискиот град Рака од терористите на ДЕАШ, Чавушоглу изјави дека ставот на Турција по тоа прашање од почетокот е јасен и дека е неопходно да се изработи квалитетен план по завршувањето на операцијата.
Чавушоглу истакна дека Турција од почетокот укажувала оти не треба во операцијата Рака да се влегува со погрешни групи, а особено со терористички групи. Во врска со тоа, спомена дека за време на неодамнешната посета на Анкара, началникот на Генералштабот на американската војска Џозеф Данфорд изјавил дека силите на ЈПГ, односно сирискиот огранок на ПКК, ќе учествуваат само во опсадата на Рака, но нема да влегуваат во градот.
„Се надеваме дека нашите сојузиници ќе стојат на зборот. Ние секогаш го одржуваме зборот што го даваме и преземаме посебни мерки. Во крајна линија, со соработката на локалните сили и специјалните единици на коалицијата може да се изврши успешна операција. Тоа би добило поддршка и од локалното население, но влезот на терористите на ЈПГ во градот би можело да придонесе тамошниот народ да застане до ДЕАШ. Не смееме тој народ да го оставиме да биде помеѓу двајца ѓаволи“, изјави Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу се осврна на тоа дека официјални лица на САД тврдат оти не ги вооружувале терористите на ЈПГ, и во врска со тоа рече дека е познато оти САД тоа го прави уште од судирите во Кобани и дека дел од тоа вооружување е запленето во Турција, за време на операциите против ПКК.
„ЈПГ и ПКК всушност се еднo и тука нема разлика. Никој од вас нека не нѐ убедува во спротивното. Ние ја знаеме вистината, а САД греши со вооружувањето на терористите“, изјави Чавушоглу.
Осврнувајќи се и на операциите против ДЕАШ во соседен Ирак, Чавушоглу изјави дека Турција сака непотребните тензии да се решат дипломатски и дека во таа насока се одржуваат контакти, бидејќи Турција го гледа Ирак како братска земја.
Чавушоглу, исто така, беше запрашан и за тензиите меѓу Турција и Германија, на што одговори дека Германија секогаш ги поддржувала иницијативите коишто се против Турција, а дека денес во Германија има повеќе од 4.000 терористи на ПКК, за кои Турција побарала испорака.
„Не е случајно тоа што сите терористи ја одбираат Германија. Тоа е земја што сега им ја отвори вратата и на терористите од ФЕТО. Германија е земја што најмногу ги поддржува терористите кои ги спроведуваат своите терористички активности во Турција. Затоа ние реагираме, а и нивните изјави јасно укажуваат на постоењето на скриени намери“, изјави Чавушоглу.
Тој исто така изјави дека тензиите немаат врска со неговиот дијалог со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмајер, и дека ќе го прими германскиот колега кога за тоа ќе има време. Чавушоглу додаде дека Западот мора да го надмине поимањето дека е „голем“ и дека во Турција може да дојде кога и да посака. Треба да сфати дека и турските официјални лица работат и дека нивната агенда е битна.
„Кога ќе посакате состанок, тој ќе се одржи кога и на мене ќе ми одговара. Ќе најдеме некоја средина. Нашите европски колеги тоа мораат да го сфатат веќе еднаш. Мораат да се ослободат од сфаќањето дека тие се земја од прв ред, а ние и Балканот од втор ред. Јас сум секогаш подготвен за состаноци, но мора да нѐ почитуваат и да нѐ сметаат за рамноправни“, порача Чавушоглу.