Meltem Öztürk
08 Ноември 2016•Ажурирај: 09 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денеска во Анкара изјави дека борбата против шверцот со дрога е еден од приоритетите на Турција и истакна дека терористичките организации ПКК и ФЕТО заработуваат милијарди долари труејќи ја младата генерација на цела Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги поздравувам нашите европски пријатели кои застанаа зад ПКК. Помалку занимавајте се со правото во Турција, кажете по некој збор против нарко-шверцерите на ПКК, кои ја трујат вашата младина и иднина. Нашата борба на овие простори не е само за нашиот народ, туку воедно е борба и за вашата иднина. Крајната дестинација на дрогата се европските земји и младите во тие земји. Од вас не се очекува да ги поддржувате терористите, туку да го дигнете гласот во одбрана на својата младина и иднина од злобните организации“, рече турскиот премиер Јилдирим на денешната седница на Клубот на парламентарни претставници на владејачката Партија за правда и развој (АК партија).
Јилдирим истакна дека стратегијата против шверцот со дрога била една од главните теми на вчерашната седница на турската Влада, и дека приоритетна задача на секоја власт е да ја зголемува свеста кај народот за тој проблем и одлучно да се бори против тоа зло.
Коментирајќи ја најавата на лидерите на Народната демократска партија (ХДП) за бојкот во турскиот Парламент, шефот на турската Влада и претседател на АК партијата, Јилдирим, рече дека народот од ХДП не очекува да ја бојкотира работата во Парламентот, туку да ја прекине поддршката кон тероризмот. Тој додаде дека ХДП сѐ уште не сфатиле што се очекува од нив.
Потсетувајќи дека по укинувањето на пратеничкиот имунитет, голем број парламентарци од останатите партии се одѕвале на повикот и дале изјава во обвинителството за истрагите што се водат против нив, Јилдирим рече дека приведувањето на неколкутемина парламентарци на ХДП било проследено во склад со Уставот, откако тоа го одобриле правосудните институции.
„Примарна задача на политичарите е да ги почитуваат и да ја овозможат работата на државните институции. Меѓутоа, некои претставници на ХДП се обидуваат да предизвикаат политичка криза во Турција и за тоа ја користат секоја можност. Никој не може да има бенефиции, ниту е над останатите пред правдата. Претставниците што се избрани со гласовите на избирачите не би требало да даваат изјави дека не го почитуваат судот и дека никој не може да ги испитува и да ги истражува нивните дела“, рече Јилдирим.
Јилдирим нагласи дека со добивањето мандат на парламентарен претставник, никому не му е дадено право за терористички активности, дека Турција е правна држава и оти ќе биде казнет секој за кого ќе биде докажано дека вршел кривични дела и ги издал државата и народот.