Servet Günerigök
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп на самитот Г20 во Аргентина ќе се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но дека нема намера да се состане со саудискиот престолонаследник Мухамед Бин Селман, рече советникот на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето за медиумите во Белата куќа во пресрет на самитот Г20 кој ќе се одржи овој викенд, Болтон истакна дека Трамп во рамките на самитот ќе се состане со лидерите на Турција, Аргентина, Кина, Русија, Германија, Јапонија, Индија и Јужна Кореја.
На прашањето дали американскиот претседател во Аргентина ќе се состане со саудискиот принц Бин Селман, Болтон рече дека нема да дојде до тој состанок.
„Не. Во овој момент билатералните средби на претседателот се пополнети, пред малку ви кажав со кого ќе се состане”, рече Болтон.
На новинарско прашање дали ја слушал аудиоснимката во врска со убиството на Џамал Кашоги, рече дека не ја слушал бидејќи е на арапски јазик, додавајќи дека ништо не би ни разбрал, но дека го читал преводот на снимката.
Гласноговорничката на Белата куќа, Сара Сандерс, потоа на новинарите им рече дека нема да ja „игнорираат можноста” за средба на Трамп и Бин Селман надвор од рамките на официјалниот дел на програмата.
Истакна и дека се уште чекаат конечни докази во врска со убиството на Кашоги.
„Уште не ги видовме конечните докази во врска со Кашоги. Откако ќе ги видиме новите докази, ќе ја донесеме нашата проценка за тоа”, додаде Сандерс.