Sena Güler
19 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
АЗАЗ (AA) – Најмалку 12 пациенти се ранети во гранатирање на болницата во северниот сириски град Азаз, кој го изведоа припадниците на терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ПЈД/ПКК гранатираа породилиште и психијатарска болница во Азаз, недалеку од границата на Турција со Сирија. Гранатите се испалени од положбите на терористите во Африн.
Според информациите на АА од управата на психијатарската болница, ранети се 12 пациенти, а меѓу нив има и животно загрозени.
Ранетите пациенти се преместени во други болници во близина, а објектот кој беше на мета на нападот е оштетен.
Во артилерискиот напад на породилиштето немаше ранети.
Нападите на терористите на ПЈД/ПКК од Африн на Азаз, кој е под контрола на силите на опозицијата, се интензивираа во последно време. ПЈД е сирискиот огранок на ПКК која е на листа на терористичките организации во Турција, САД и ЕУ.
Турција неодамна најави воена акција во Африн, на северозападот на Сирија, во регионот кој граничи со турските области Хатај и Килис. Се работи за регион кој силите на сирискиот режим Башар ал Асад без борба го предадоа под контрола на терористичката организација ПЈД/ПКК, а во регионот моментално се наоѓаат помеѓу осум и десет илјади терористи.