Ekipa
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
АЛ-БАБ (АА) - Жителите на сирискиот град Ал-Баб, кој припаѓа на покраината Алепо, по бегството од терористичката организација ДЕАШ се враќаат во своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
Слободната сириска армија (ССА) поддржана од Вооружените сили на Турција (ТСК) продолжува со активностите за отстранување на мините и други експлозивни направи што припадниците на ДЕАШ ги оставија во градот Ал Баб.
Единиците на ССА минатата недела го ослободија центарот на Ал-Баб, а во тек се акциите за контрола на улиците и објектите што ги користеле припадниците на ДЕАШ.
Мухамед Али, командант на ССА, за АА изјави дека настојуваат да им овозможат на цивилите безбедно да се вратит во своите домови.
„Не им дозволуваме на цивилите да влегуваат во подрачјата што не се исчистени од мини и од експлозивни направи. Го правиме тоа заради безбедноста на цивилите“, изјави Али, кој укажа на работата на екипите за контрадиверзантска заштита при ССА.
Се смета дека со враќањето на цивилите, секојдневниот живот со текот на времето ќе се врати во нормала. Повратникот Абдо Мухамед изјави дека е многу среќен што се вратил во својот дом.
„Се надевам дека сите терористички организации ќе ја напуштат нашата земја“, изјави Мухамед.
Сиријката Ум Абдо изјави дека поради ДЕАШ го напуштиле домот и дека живееле во планина.
„Секој ден го чувствуваме притисокот на ДЕАШ. Не знаевме што да правиме. Секој ден беа барани оние што не се придружија на ДЕАШ. Ни беше страв. Немаше ни храна ни вода“, изјави Абдо и додаде дека жителите не можеле да излегуваат надвор бидејќи припадниците на ДЕАШ поставиле експлозивни направи.
Според нејзините зборови, припадниците на ДЕАШ нивните куќи ги користеле како скривници. Уште еден жител на Ал Баб е и Абдулкерим Хало, кој е ранет во двете нозе. Тој вели дека два месеца не излегол од својата куќа.
„Среќни сме што ССА воспостави контрола над градот. Ни дадоа храна и вода“, додаде Хало.