Ekipa
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Мухамед Алуш, претставникот на една од најголемите воени група во Сирија, „Џејш ул-ислам“, кој е дел од делегацијата на опозицијата, на четвртата рунда женевски преговори за Сирија рече дека Русија сакала да ги стави под контрола опозиционерите во Сирија, а откако не успеала во тоа, замижала пред кршењето на примирјето од страна на режимот на Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Алуш учествува на четвртата рунда преговори меѓу завојуваните сириски страни под надзор на ОН во Женева. Тој одговори на прашањата на АА во врска со граѓанската војна во Сирија.
Мухамед Алуш изјави дека на состанокот одржан на 23. – 24. јануари во Астана, под водство на Турција и Русија, на претставниците од режимот на Асад им била претставена професионално подготвена документација.
Тој рече дека одговорот на барањата наведени во документацијата, како што се зајакнување на примирјето, пуштање на слобода на притворените и прекин на блокадата, го очекувале на вториот состанок во Астана, на 6. февруари, но делегацијата на режимот на средбата се произнесла со друг документ.
- „Русија не си го одржа зборот“ -
„Кога даваме некој документ, треба да разговараме за него. Не може да се даде одговор со изнесување друг документ“, вели Алуш. „Според Русија, нашиот документ е со многу детали. Од Анкара нѐ посоветуваа документот да го разгледаме детално, во рок од два дена. Но, досега нема одговор. Не сакавме да учествуваме на последната седница од вторите средби во Астана. По ова, Русија ни вети дека бомбардирањата ќе престанат. Сведок на ова ветување беше помошник-министерот за надворешни работи на Казахстан. Меѓутоа, Русија не си го одржа зборот“, додава тој.
„Прашавме зошто е спротивно со меѓународното право, но не добивме одговор. Тие рекоа: ’Режимот ги отфрли овие членови’. Ние пак им одговоривме: ’Тогаш да продолжиме од оние што се прифатени’, рековме. И на ова не ни одговорија. Ние нашата документација ја доставивме и до ОН и до делегациите на другите држави. Тие ја пофалија нашата документација“, истакна Алуш.
Тој пренесува дека на руската делегација ѝ понудиле студија во врска со механизмот за следење на примирјето, но оти наишле на одговор дека тоа е спротивно со меѓународното право.
- „Режимот одигра театарска претстава во Хомс“ -
На прашањето: „Која е стратегијата на Русија?“, Алуш вели: „Или не може да ги надгласа режимот и Иран, или пак сака да постигне некои политички цели. Откако виде дека не може нас да нѐ користи, повторно му покажа зелено светло на режимот. Сака да ги стави под контрола и опозиционерите, како што тоа го направи со режимот“.
Алуш посочи дека Асад не покажал сериозен пристап во преговорите, притоа нагласувајќи дека режимот не сака примирје туку се храни со крв, и оти доколку настане примирје, режимот ќе замре.
„Самиот своеволно прави терористички напад (за време на преговорите). Ова го прави за да го наметне пред светот својот став во врска со тероризмот. Пример за ова е театарската претстава што ја одигра во Хомс. Бешар Џафери беше многу среќен од нападот во Хомс и рече: ’Осудете го тероризмот’. На денот кога Џафери побара осуда на тероризмот, режимот во Сирија ги убиваше цивилите. Не е ли тероризам масакрот над цивилите, притворањето на илјадници жени, земањето на луѓето за цел на напади со хемиско оружје, како и раселувањето на милиони луѓе? Режимот е најголем соработник на ДЕАШ. Најголемиот поддржувач на режимот е ДЕАШ. Им рековме на Русите дека имаме докази оти режимот и ДЕАШ се во соработка. Тие рекоа: ’Да, знаеме’“, забележа Алуш.
Посочувајќи на присуството на шиитската милиција во Сирија, Алуш рече: „Што бараат либанскиот Хезболах, ирачкиот Хезболах – Движењето Ел Нуџеба, Зејнебијун, Фатмијун во Сирија? Тоа се терористи. Колку што е можно поскоро мора да ја напуштат Сирија. Бесмислено е да се принуди само една група (Фронтот Нусра) да го напушти теренот“.
На прашањето пак: „Кога сириската иднина ќе биде добра?, Алуш одговори: „Иднината на Сирија ќе биде добра само ако Башар ал-Асад си замине. Поинаку, невозможно е да биде добра“.