Ekipa
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ИДЛИБ (АА) - Бегалците принудени да се евакуираат од Источна Гута, подрачје под опсада од припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, се жалат на недостаток од сместувачки капацитети и неможност за стекнување на основните услови за живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Источна Гута, предградие на сирискиот главен град Дамаск, подолго време е цел на нападите на сирискиот режим и неговите поддржувачи, поради што жителите беа принудени на миграција кон северните делови на земјата.
Досега Источна Гута ја напуштија десетици илјади бегалци кои прво се сместени во привремени прифатни центри во Идлиб и Алепо, а потоа и во подрачјето на Ал Баб. Меѓутоа, бројот на евакуираните лица се зголемува, поради што не се доволни сместувачките капацитети во наведените подрачја.
Ебу Мухамед, жител на Источна Гута, кој е сместен во прифатниот центар „Абрар“ во Идлиб, рече дека условот за евакуација бил да не земаат ништо со себе.
„Сега ни треба сè. Цената на килограм шеќер во Идлиб е 300 сириски лири (околу 0,47 евра, заб. на авторот). Може да ви се чини евтино, но ние ги немаме ни тие пари“, објасни тој.
Мухамед додаде дека во прифатните центри не стигнува доволно помош од невладините организации.
„Ние седиме на простирки од трска. Нема прозорци. Потребни се сунѓери, перници, ќебиња, сè“, рече тој.
Неговиот сограѓанин, Ебу Ахмед, рече дека Идлиб е побезбеден од Источна Гута и дека цените на многу производи биле многу пониски.
„Евтино е, но ние немаме пари. Во Источна Гута немаше живот“, додаде тој.
Сепак, се пожали дека во Идлиб може да биде и многу ладно.
„Човек сака подобро, но потребно е да има куќа и приходи за плаќање станарина.
Ебу Рашит рече дека сега тешко се привикнуваат на новата средина, иако претходно живееле под опсада.
„Невладините организации, во согласност со нивните ограничени можности, прво нè сместија во привремени прифатни центри. Потоа, бевме префрлени на друго место. Ние не бараме многу, само да бидат прифатливи условите за живот“, рече тој.
Мухамед Тико, кој работи во прифатниот центар „Абрар“, истакна дека бегалците од Источна Гута, по недостигот на капацитети во центрите, се сместени во џамии, училишта и куќи.
Во согласност со можностите, во привремените прифатни центри се обезбедени пакети со храна, вода за пиење и мобилна точка за давање медицински услуги.
„Невладините организации на најголем дел од семејствата им понудија плаќање станарина за два месеца. Но, семејствата ја напуштија Источна Гута само со она што го носеле на себе. Нивната материјална состојба е исклучително лоша. Се поставува прашањето како ќе преживеат по овие два месеци“, додаде тој.
Тико истакна дека невладините организации треба да им овозможат на луѓето да се занимаваат со одредена работа и така да остварат сопствен приход.