Betül Yürük
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН), Ники Хејли, истакна дека САД нема да излезат од Сирија без да постигнат три цели, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Пред сè, нема да дозволиме користење на хемиско оружје и ќе се бориме против тоа. ДЕАШ треба целосно да биде поразен, и третата цел е да бидеме сигурни дека Иран нема контрола врз регионот“, истакна Хејли во интервју за американскиот ТВ-канал CBS (Си-би-ес).
Хејли нагласи дека во актуелната состојба, САД нема да остварат директни средби со режимот во Сирија.
Осврнувајќи се на односите со Русија, Хејли соопшти дека ќе спроведат нови санкции против руските компании што му помагале на режимот во Сирија да поседува и да направи хемиско оружје.
„Доаѓаат санкции за Русија. Министерот за финансии, Мнучин, во понеделник ќе ги соопшти овие санкции. Санкциите ќе се спроведат против компаниите што имаат директна врска со Асад и со користењето на хемиско оружје“, рече Хејли.
Претходно, на програмата „Fox News Sunday“, Хејли истакна дека Русија работи со „погрешни актери“ бидејќи дава поддршка на Владата на Мадуро во Венецуела, и на Асад во Сирија, како и поради соработката со Иран. Таа додаде дека на Русија „не ѝ останале добри пријатели“, додека „тие што ги има ја оштетуваат Русија“.