Ekipa
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја рано утрово испали неколку „неидентификувани проектили“ во водите источно од полуостровот, соопшти Јужнокорејскиот началник на заедничкиот Генералштаб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Со постоечки ризик од разгорување на веќе напнатите односи со Соединетите Американски Држави и со соседите од регионот, Северна Кореја ги лансираше ракетите од провинцијата Гангвон околу 06:49 (21.49 според GMT), се истакнува во соопштение од Заедничкиот Генералштаб пренесено од страна на локалната новинска агенција „Јонхап“.
Како што е вообичаено, претседателската канцеларија во Сеул свика состанок на Советот за национална безбедност како одговор на тестирањето.
Командата на американската војска во Пацификот оцени дека има три лансирања на балистички проектили со краток дострел, кои или паднале во лет или експлодирале.
Пјонгјанг има забрана да тестира балистички проектили, и од неодамна воведени се засилени санкции од Советот за безбедност при ОН за лансирањето на две интерконтинентални балистички ракети минатиот месец.
Денес е првата провокација на Северна Кореја по заканата за „безмилосен“ одговор на тековната воена вежба на јужнокорејските и американските трупи.
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-Ун, претходно овој месец изјави дека ги набљудува САД, откако го одложи планот за лансирање ракети кон американските сили кои се наоѓаат на островот Гуам.