Mohamad Misto,Selen Temizer
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
ДЕРА/АНКАРА (АА) - Поради операциите на режимот на Асад и неговите поддржувачи во подрачјето на Дера, бројката на присилно раселени лица кои бегаат кон границата со Јордан и Израел достигна 150.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците добиени од страна на Цивилната заштита во Сирија, насилните напади на режимот и земјите коишто го поддржуваат врз подрачјето на Дера во југозападниот дел на Сирија, се причина за раселување и миграција на најмалку 150.000 цивили кон Јордан и окупираната Голанска Висорамнина во Израел.
Новинарот на АА од Дера информираше дека поголемиот број од цивилите избегале кон јорданската граница, но откако раководството во Аман не дозволило влез во државата, лицата се обиделе да престојуваат на ливадите во близина на границата.
Бегалците кои се упатија кон Голанската Висорамнина, носеа транспаренти „Сакаме заштитено и безбедно подрачје“ и „Затворањето на граничните премини за бегалците преставува злосторство против човештвото“.
Продолжува бегањето на жителите на Дера кои на своите камионетки, мотоцикли, трактори и возила ги земаат само најнеопходните работи.
Во мај 2017 година на Самитот во Астана подрачјата Дера и Кунејтра во југозападниот дел на Сирија беа прогласени за едни од четирите зони за намалување на тензиите од страна на Турција, Русија и Иран како гаранти на договорот. По два месеци, Русија, САД и Јордан ги вметнаа Дера и Кунејтра во рамките на еден специјален договор, по што САД ја прекинаа поддршката на опозицијата во подрачјето.
И покрај сите предупредувања што ги упатија САД, режимот и неговиот поддржувач Иран, по освојувањето на централниот дел на земјата, на 20 јуни ја започна операцијата во Дера со цел да го освои и јужниот дел на земјата.
Официјални претставници на Обединетите нации (ОН) често повторуваат дека се загрижени за животите на 750.000 лица во подрачјето на Дера.
Јан Егеланд, советник на специјалниот преставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, соопшти дека вчера, пет здравствени центри биле цел на напад. Веднаш по соопштението на Егеланд, погодена е болница во источниот рурален дел на градот и таа повеќе не дава здравствени услуги.
Бројката на загинати во нападите изведени последните два дена достигна 55 лица.