Şerife Çetin
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија (ЕУ) усвоија заедничка декларација по Самитот на лидерите одржан во Брисел на кој се опфатени одлуки поврзани со миграциите, Русија, безбедноста и трговијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако синоќа поради блокада на Италија не беше постигнат договор во одредени теми, лидерите на ЕУ по напорните преговори и дискусии успеаја да усвојат заедничка декларација.
Бегалската криза беше една од главните теми на овој самит, а во заедничката декларација се истакнува дека доаѓањето на илегални мигранти во ЕУ е намален за 95 отсто. Нагласено е дека се забележува зголемен број на мигрантите на рутата на источниот и западниот дел од Средоземното Море.
Нагласено е, исто така, дека ќе биде продолжено давањето поддршка на земјите како Италија, кои се први земји на кои мигрантите ќе зачекорат при влез во ЕУ. Договорено е во соработка со третите земји детално да се разговара за идејата за формирање регионални евакуациски центри за мигрантите кои се спасени на море. Нагласено е дека сите земји треба да преземат одговорност за мигрантите кои се спасени на територија на Унијата.
Договорено е и дека на Турција ќе ѝ се проследи вториот дел финансиска поддршка за бегалците згрижени во оваа земја, во вредност од три милијарди евра. Освен тоа, на Африканскиот фронт на ЕУ ќе му биде одобрена помош од 500 милиони евра.
Сите земји членки теба силно да ги штитат надворешните граници и поактивно да работат на враќање на илегалните мигранти. Лидерите на ЕУ порачаа дека ЕУ треба да преземе повеќе одговорност за сопствената безбедност, и во тоа да биде доверлив одбранбен партнер.
Во тој контекст е нагласено дека е потребно продлабочување на соработката меѓу ЕУ и НАТО. Упатен е и повик за јакнење на функционирањето на Светската трговска организција (СТО), и посебно се бара пополнување на празнините во преговорите.
Нагласено е дека поддршката во трговијата, развојот, ефективните и транспарентни санкции треба да бидат ажурирани во структурите на СТО.
Во декларацијата се наведува дека американското воведување царина за челик и алуминиум не може да биде оправдано со безбедносни причини, и дека ЕУ ги поддржува возвратните мерки со цел заштита на пазарот.
Лидерите на ЕУ порачаа дека го поддржуваат договорот и пронаоѓањето на решение меѓу Македонија и Грција поврзано за спорот околу името, и дека е одобрена завршната декларација на Советот за општи работи поврзано за проширување.
Упатен е повик до Русија да ја прифати одговорноста поврзана за соборување на авионот MH17 на „Малезија ерлајнс“ (Malaysia Airlines), и дека оваа земја мора да соработува за да бидат откриени фактите во овој случај.