Nour Mahd Ali Abu Aisha,Hacer Başer
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
ГАЗА (АА) - НУР ЕБУ ИЈСЕ -
Палестинката Нимет ал Исеви стана симбол на палестинскиот отпор за време на антиизраелските протести на границата на Газа, кога израелската војска рани четворица нејзини синови кои поминуваат низ тежок процес на лекување, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа има десет синови и една ќерка. Во оскудните услови им помага на своите двајца синови кои се неподвижни од неодамнешното ранување, а воедно се грижи и за третиот ранет син кој е префрлен на лекување во Египет.
И таа е ранета за време на протестите на границата на Газа, кога капсула од израелска димна бомба ја погодила во вратот.
„Седев во еден од шаторите кои се таму поставени и одеднаш почувствував силна болка и отекување на местото каде што сум погодена“, изјави Ал Исеви.
Нејзиниот 26-годишен син Ахмед е ранет во пределот на препоните и е целосно неподвижен, а 18-годишниот Мазин е ранет во пределот на стомакот и лекарите му одредиле строго мирување и движење само со помош на инвалидска количка.
„Воопшто не ни мислам на мене и мојата рана. Ми недостигаат моите синови кои се неподвижни“, изјави Ал Исеви и додаде дека и е особено жал за нејзиниот син Ахмед, кој е по втор пат ранет за кратко време и кој е целосно зависен од нејзината помош.
Младиот Мазин е ранет во пределот на стомакот и сите мислеле дека е мртов, но потоа забележале дека дише и го префрлиле во болница.
„И мојот син Атиф е ранет шест пати во нозете и лекарите рекоа дека изгубил многу крв и дека е во критична состојба. Тој е префрлен во болница во Египет“, изјави Ал Исеви.
Нејзиниот син, 22-годишниот Махмуд, е ранет, исто така, во пределот на ногата, но брзо се опоравил.
„И порано бевме во немаштија, но сè додатно се влоши по нивното ранување. Порано барем можеа да најдат повремени работи и да заработат по нешто, но сега се сите зависни од мене. Маж ми работеше до пред неколку години кога претрпе тежок мозочен удар“, изјави Ал Исеви.
Храбрата Палестинка Ал Исеви порача дека нејзиното семејство ќе продолжи да ги поддржува антиизраелските протести на границата на Газа.
На протестите под називот „Голем марш“, илјадници Палестинци од крајот на март протестираат на границата на Газа против израелската блокада и окупација на палестинската земја. Израелската војска уби повеќе од 130 демонстранти, а ранети се повеќе од 14.000.