ХАКАН ЧОПУР / ОВУНЧ КУТЛУ
ВАШИНГТОН/ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, кој е најконтроверзното име во моменталната светска политика, во втората година од доаѓањето на оваа функција, со пристапот кон надворешната политика и трговијата, постојано ја турка својата земја кон изолација, на меѓународната сцена.
Трамп, кој на својата функција во Белата куќа дојде со мотото „Да ја направиме Америка повторно голема“, уште од првиот период по доаѓањето на претседателската функција, на сериозен начин ја отуѓи својата земја на меѓународната сцена.
Додека лидерството на САД на меѓународната сцена по завршувањето на Студената војна е ставено под знак прашалник, Трамп својата земја ја претвори во една земја која не може да се разбере ниту со своите сојузници. Тој едно по друго ги руши билатералните односи речиси како „слон кој влегол во продавница за стакларија“.
- Не ги признава меѓународните организации и договори -
Од доаѓањето на функцијата, Трамп еднострано ги повлече САД од повеќе договори, како што се Северноамериканската зона за слободна трговија (НАФТА), Парискиот климатски договор, Трансатлантско партнерство за трговија и инвестиции (TTIP) и Договорот за нуклеарната програма на Иран. Тој добива бројни критики во светската јавност со својот профил како еден лидер којшто не ги признава меѓународните организации и договори.
Координатор во Канцеларијата на Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (SETA) во Вашингтон, Кадир Устун, во изјава за АА говореше околу ставот на САД. „Трамп не сака да работи заедно со сојузниците на САД, тоа отворено можете да го видите во неговите одлуки за Кудс (Ерусалим) и Иран. Трамп поединечно сака да работи и со сојузниците и со противниците“, рече тој.
Овој пристап на Трамп, кој економската моќ на САД ја гледа како оружје кое може да го користи против секоја земја, вклучувајќи ги и сојузниците, кој остро го изразува, на меѓународната сцена ги изолира САД, земја за која се тврди дека повторно ќе биде голема.
- Останаа сами во одлуката за Ерусалим (Кудс) -
Трамп кој дојде на функција во САД по вториот лошо администриран мандат на Обама, прифати еден пристап којшто во надворешната политика Израел го сметаше за главен пријател, додека Иран за главен непријател.
Скоро целиот свет, освен Израел и некои островски земји, се обединија против одлуката на Трамп за признавање на Кудс како главен град на Израел. Тој ги игнорира сите преговори во врска со мирот на Блискиот Исток, како и палестинската страна.
Тој оваа одлука ја соопшти на 6 декември во 2017 година, а и покрај заканите на Трамп дека ќе ја запре економската помош, на 21 декември на Генералното собрание на ОН со 128 гласови „за“ и 9 „против“ беше усвоена нацрт-резолуцијата која ја критикуваше одлуката на САД. Нацрт- резолуцијата беше подготвена под иницијатива на Турција.
Во оваа нацрт-резолуција, која беше поддржана скоро од сите земји на ЕУ, САД и Израел останаа сами со Гватемала, Хондурас, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Того и Палау.
На овој начин, администрацијата на Вашингтон освен Израел, не само исламскиот свет, туку и целиот свет го сврти против себе. Оваа одлука на Трамп ги отстрани САД од мировниот процес на Блискиот Исток.
Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во овој процес двапати допатува на Блискиот Исток, но се враќаше без да се сретне со ниту еден палестински претставник. Оваа состојба беше критична од аспект на регионалната дипломатска легитимност на САД, кои постојано ја губеа улогата на посредник во мировниот процес на Блискиот Исток.
- Поделба со ЕУ околу Иран -
САД под водство на Трамп, освен Израел, не успееја да најдат силен поддржувач околу повлекувањето од Договорот за нуклеарната програма на Иран, акт кој беше опишан како историски.
САД на 8 мај 2018 година соопштија дека еднострано се повлекуваат од овој меѓународен договор, добивајќи силни критики од останатите земји-учеснички во договорот, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Германија.
Администрацијата на Трамп, која ги затвори своите уши особено на апелите на земјите-членки на ЕУ за повторно да се преговара околу Договорот, го направи првиот чекор кон едностран санкционен режим против Иран кој ќе стапат на сила во август и ноември, како два пакета.
Но, Европската комисија го ажурираше Статутот за блокирање, со цел да ги заштити европските компании од санкциите против Иран, со тоа што ЕУ јасно го изрази своето незадоволство од едностраниот санкционен режим на САД.
- Критикување на ОН и на НАТО -
САД кои останаа сами во Обединетите нации (ОН), ја користеа методата на „економско казнување“ и кога го намалија буџетот за ОН за 285 милиони долари, и кога ги спречија изворите за Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA), како и за Фондот за население на ОН.
Оваа метода се докажа дека е бескорисна во минатото, кога беа спроведувани санкции против Ирак во периодот на Садам Хусеин, и под покровителство на ОН. Користењето на економијата за казнување на државите само ги зголемуваше реакциите на меѓународната заедница.
Трамп, којшто вели „ние даваме повеќе пари, нека даваат и другите“, беше критикуван од страна на членките на НАТО поради неговиот пристап кон Алијансата како да е некоја трговска институција.
Како и во ОН, и во НАТО, Трамп беше критикуван поради неговото однесување како извршен директор на една компанија, давајќи им приоритет на дневните економски интереси на САД, наместо на духот на меѓународната алијанса.
Мал осврт кон скандалозното однесување на Трамп на последниот самит на Г-7 во Канада, неговата посета на Велика Британија, конференцијата за безбедност во Минхен и многу други настапи, е доволен да се види колку малку е загрижен светот за неговиот пристап. Тој отсликува слика на лидер кој се бори и ги омаловажува своите сојузници, и на личност која има одредени проблеми кога станува збор за дипломатската учтивост.
- „Во голема мера се намали веродостојноста на САД“ -
Џејкоб Киркегард, висок експерт во Меѓународниот економски институт „Peterson“, со седиште во Вашингтон, во изјава за Anadoly Agency (AA), нагласи дека за време на администрацијата на Трамп се намалила веродостојноста на САД ширум светот.
Киркегард истакна дека Трамп трговските и царински даноци ги користи како средство во надворешната политика, и дека во центарот на оваа политика се наоѓа реториката „најпрвин Америка“.
„Ниту една земја не треба да ги прифати зборовите и посветеноста на Трамп кон меѓународните договори на тој начин како што тие се одразени. Во голема мера се намали веродостојноста на САД поради еден претседател кој е лишен од стабилни идеи. Се разочара светот кој го гледаше лидерството на Америка. Ги предупредувам сите кои сакаат да постигнат договор со администрацијата на Трамп, бидејќи Трамп може да се откаже од договорт кога ќе се разбуди утре“, додаде тој.
- Каде водат „трговските војни“? -
Ваквиот начин на администрирање на Трамп, кој реториката „најпрвин Америка“ ја претвори во „само Америка“, за кратко време се одрази и во меѓународната трговија на Соединетите Американски Држави (САД).
Трамп, кој не ги сака претходно преговорените меѓународни договори, сака да делува како плејмејкер на еден нов терен, кој освен условите на САД не прифаќа ниту еден друг услов.
Администрацијата на Трамп не само што се оддалечи од Кина со дополнителните даноци за алуминиум и челик од 23 март, туку и од земјите на ЕУ што овие производи ги извезуваат во САД, и со нејзините соседи Канада и Мексико и сојузниците на НАТО, вклучувајќи ја и Турција.
Американските производители кои зависат од суровини од челик и алуминиум, кои ги увезуваат од наведените земји, вклучувајќи ја и Турција, неизбежно се негативно погодени од ситуацијата.
Мајрон Брилиант, потпретседател на Стопанската комора на САД, а воедно и шеф за меѓународни работи на оваа Комора, изјави дека комората со месеци предупредува дека зголемувањето на царинските даноци за производите увезени од Турција претставува сериозен ризик за САД, и дека во ова може да се вклучуваат и другите земји.
Администрацијата на Трамп со овој чекор, кој го направи под изговор на националната безбедност, успеа да ги обедини своите противници и сојузници, додека своите производители ги стави во штета на краток и среден рок.
Земјите-членки на ЕУ и Турција ова прашање го доставија до Светската трговска организација (СТО), истакнувајќи дека САД сериозно ги кршат меѓународните норми, и дека дејствуваат еднострано.
Бројни американски економисти велат дека пристапот на Трамп на среден рок ќе предизвика значителна штета за американските компании и потрошувачи, и дека нема да биде лесно повторното воспоставување на меѓународните трговски односи кои ќе се нарушат во овој процес.
Американскиот економист и колумнистот на „New York Times“, Пол Кругман, еден напис објавен на 31 мај во врска со трговските војни кои ги започна Трамп, го наслови како „Каква глупава трговска војна-малку и нестабилна“. Кругман ги образложи причините зошто трговската војна „всушност ќе биде убиец на вработувањето“ во САД.
- Трговската војна со Кина -
Како резултат на даноците на САД, кои влегоа во една длабока економска војна со Кина, на почетокот на април Кина соопшти дека ќе наметне дополнителни даноци помеѓу 15 и 25 проценти за 128 американски производи.
Во истиот период САД објавија дека планираат да воведат дополнителни даноци од 25 отсто на над илјада кинески производи вредни 50 милијарди долари, под изговор дека Кина врши незаконски активности со цел да ги заплени технологиите и интелектуалната сопственост на американските компании.
Пекинг веднаш донесе дополнителни даноци од 25 отсто за 659 американски производи во вредност од 50 милијарди долари.
На 18 јуни, Трамп нареди дополнителни даноци од 200 милијарди долари за кинеските производи.
Администрацијата на Трамп на 6 јули официјално започна со спроведување на дополнителни даноци од 25 отсто за над 800 кинески производи во вредност од 34 милијарди долари. Покрај сите закани на Трамп, администрацијата на Кина соопшти дека воведува одмазднички даноци.
Трговските преговори меѓу САД и Кина ќе започнат на 23-ти август. САД на овој датум ќе го стават во сила вториот дел од даноците против Кина, додека Пекинг соопшти дека на истиот ден ќе започне да спроведува адекватни даноци.
Додека се дискутираат ефектите од оваа трговска војна врз светската трговија, Ли Фуји од кинескиот Институт за макроекономски истражувања, во својата анализа на Кинеското меѓународно радио, наведува дека Кина е поразлична од претходните економски противници на САД.
Фуји нагласи дека САД можат да ја ограничуваат и Москва и Токио, но меѓународниот финансиски поредок покажува дека Пекинг е помоќен актер.
- Алтернативи надвор од САД -
Со овие случувања стана појасно дека САД не се единствена алтернатива во светскиот систем, и дека голем број средни и големи сили имаат повеќе од една можност.
Од една страна се зголемуваат трговските војни на Трамп и со Кина и со ЕУ; Русија и Кина соопштија дека тие во меѓусебната трговија повеќе ќе користат кинески јуани наместо американски долари.
Иран, кој се подготвува да се соочи со економските санкции на САД, презеде нови чекори со цел да изгради поголемо трговско и политичко единство со Кина и Индија.
На сличен начин, Пакистан, кому САД му ја суспендираа помошта за безбедност во вредност од 255 милиони долари, е охрабрен да ги интензивира односите со Кина и Индија.
Администрацијата на Трамп, која првин донесе дополнителни даноци за челик и алуминиум под изговор на националната безбедност, а потоа донесе одлука за санкции против Турција поради американскиот свештеник Ендрју Брансон, даде поголем придонес за зближувањето на Анкара со Москва кои тој ги критикуваше.
Сите овие примероци покажуваат дека пристапот на САД за користење на економската моќ и парите како средство за надворешна политика, не е толку корисен како во минатото, во поредокот на мултиполарниот свет.
Брајан Клас од „London School of Economics“ во својата анализа насловена „Најпрвин Америка станува сама Америка“, која беше објавена минатата година во „Washington Post“, раскажа дека САД постојано се изолираат и стануваат еден помалку доверлив сојузник.
- „На огнот му истури бензин“ -
Без сомнение, во овој процес треба да се нагласат и активностите на администрацијата на Трамп базирани на економијата, против Турција, која е нивен НАТО сојузник.
Киркегард ја коментираше одлуката на Трамп за дополнителни даноци против Турција. „Без сомнение, Трамп на огнот му истури бензин. Овој акт на Трамп покажува дека земјите сојузници на САД ќе имаат помалку доверба во САД, бидејќи ваквите односи за овој претседател немаат големо значење“, додаде тој.
Администрацијата на Трамп една по една ги затвора дипломатските врати околу случајот со Брансон, додека подобрените односи на Анкара со земјите-членки на ЕУ како Британија, Германија и Холандија, уште поголемото зближување со Москва и напорите за реализирање нови финансиски врски во различни делови во светот се сметаат за знак на чекор назад во последниот пристап на САД.
- „Не можете да вршите едностран притисок врз ваш сојузник чија важност е на клучно ниво“ -
Главниот советник во Центарот за безбедносни политики во Женева, Марк Финауд, за АА ја анализираше оваа состојба во стратешки рамки, и нагласи дека иако според нив е легитимна, САД едно трговско прашање треба да го решат со мултилатерални средби во Светската трговска организација.
„Не можете да донесете еднострани мерки и санкции против вашиот НАТО-сојузник чија важност е на клучно ниво. Иако САД поседуваат нуклеарно оружје, дефинитивно овој не е најдобриот пристап“, додаде тој.
Според сето ова, Трамп, кој стана еден од најконтроверзните претседатели во историјата на САД, продолжува да ги оддалечува не само противниците на својата земја, туку и своите традиционални сојузници, и оваа состојба најмногу ги изолира САД.
news_share_descriptionsubscription_contact
