Ekipa
16 Декември 2016•Ажурирај: 17 Декември 2016
ТОКИО (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека Русија и Турција се договориле, доколку завојуваните страни во Сирија прифатат, во Астана да продолжат преговорите за примирје врз нова основа, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата на претседателот Путин со премиерот на Јапонија Шинзо Абе, се одржа заедничка прес-конференција на која претседателот на Русија одговараше на прашања поврзани со Сирија.
Рускиот претседател Путин во врска со последниот телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го рече следното: „Вчера разговарав со претседателот Ердоган и се договоривме за предлог, според кој завојуваните страни би ги продолжиле средбите врз една нова основа во Астана, главниот град на Казахстан. Ние, од наша страна, со раководството на Сирија, а претседателот на Турција со претставниците на вооружените сили на опозицијата ќе сугерираме предлози за разрешување. Доколку завојуваните страни прифатат, ќе го замолиме претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев да ја даде својата поддршка на овој процес“.
Путин рече дека оваа нова платформа не е конкуренција на средбите во Женева, и истакна дека тоа е платформа што ќе ги заврши средбите што се одвиваа во Женева. Тој изјави дека секогаш, изнаоѓањето политичко решение е правилно.
- Турска помош за заштита на цивилите -
Путин потсети дека претходно разговарал со Анкара дека е потребно од Алепо да се извлечат вооружените групи за да се заштитат животите на цивилите.
„Ако се погледне што се случува (во Сирија), може да се види дека се приближуваме до договореното со претседателот на Турција за време на нашата средба во Петербург. Ние, пред сѐ, се договоривме дека за да се спасат животите на цивилите, потребно е со помош на Турција, вооружените сили на опозицијата да го положат оружјето, и овие групи да се евакуираат од источен Алепо“, рече претседателот Путин.
Рускиот претседател Путин истакна дека за да се нормализира состојбата по периодот на евакуација во Алепо, ќе биде потребно да се воспостави прекин на огнот.
Исто така, претседателот Путин рече дека падот на градот Палмира е последица на некоординираност меѓу меѓународната коалиција и сириската армија.