Safvan Allahverdi
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Во американската сојузна држава Мериленд извршен е вооружен напад во канцелариите на еден локален весник. Во нападот животот го загубија најмалку 5 лица и има голем број ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружениот напад е изведен во просториите на локалниот весник „Capital Gazette“ во градот Анаполис кој се наоѓа на еден час оддалеченост од главниот град Вашингтон.
Шефот на полицијата, Вилијам Крамф, кој ја спроведува истрагата, информираше дека во нападот животот го загубиле најмалку 5 лица. Според овие податоци, овој напад претставува најсмртоносен напад во САД кој за цел ги имал медиумите.
Полицискиот претставник Стив Шу изјави дека е приведно едно лице за кое постои сомневање дека е извршител на нападот. По сослушувањето, утврдено е дека немало друг напаѓач. Шу нагласи дека една минута по примениот апел за помош, претставниците на безбедносните сили пристигнале на местото на настанот и реагирале.
Познат е идентитетот на напаѓачот
Тројца претставници на полицијата кои зборувале за медиумите, информирале дека осомничениот напаѓач е 38-годишниот Џерид Рамос.
Напаѓачот бил белец и успеал да ги избрише своите отпечатоци од местотото на нападот, но осомничениот е приведен благодарение на технологијата на препознавање лик што ја користи полицијата.
Покрај тоа, претставниците на полицијата соопштија дека осомичениот пред да го изврши нападот, преку социјалните мрежи упатил заканувачки пораки до весникот. Полицијата проценува дека станува збор за планиран напад.
Напаѓачот влегол во редакциските простории
Гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, во својата прва изјава не ја кажа бројката на загинати и ранети. Подоцна шефот на полицијата, Вилијам Крамф, даде изјава за медиумите, потврдувајќи ја информацијата дека во нападот „животот го загубиле најмалку 5 лица“.
Покрај тоа, официјалните претставници соопштија дека осомничениот, по влегувањето во редакциските простории, го нападнал уредникот на вестите и голем број новинари кои се наоѓале во просторијата.
Новинарот Фил Дејвис кусо по нападот преку својот твитер-профил објави: „Еден напаѓач отвори оган врз луѓето во редакцијата, некои од нив починаа“.
Прва изјава на Трамп
Од друга страна, Белата куќа објави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е информиран за нападот во Мериленд и дека го изразил своето сочувство до најблиските на починатите.
Трамп на социјалната мрежа Твитер објави: „Информиран сум за вооружениот напад во Анаполис. Моите мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства. Им се заблагодарувам на службите за нивната интервенција во нападот“.
Во тек е истрагата што ја започнаа локалната полиција и Федералното истражно биро (ФБИ).