Yusuf Hatip
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Италија ги блокираше сите одлуки кои требаше да се донесат на Самитот на лидери на Европската Унија (ЕУ) и така привремено го спречи усвојувањето на заедничката декларација на 28-те земји членки на Унијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во оваа фаза не е постигнато решение поради тоа што една земја ги блокираше сите одлуки кои се очекуваа да се донесат“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Според добиените информации, земјата за која станува збор е Италија, која очекувала да се донесат одлуки за бегалците според своите желби.
Поради тоа откажана е и прес-конференцијата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на којашто требаше да се соопштат одлуките кои ќе беа донесени на самитот. Оваа прес-конференција се очекува да се одржи утре.
Лидерите на 28-те земји-членки на Унијата се состанаа во Брисел со цел да разговараат за прашања поврзани со бегалците, односите со САД, за соработката во областа на одбраната и безбедноста, Брегзит и за економски прашања.
„Во однос на бегалците, Италија нема потреба од нови зборови туку има потреба од преземање акции“, истакна на почетокот на самитот италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Тој нагласи дека Италија ќе го постави на самитот својот предлог за решавање на бегалското прашање.
„Веќе мораме да донесеме одлука. Ако не може да се донесе одлука на овој самит, ние самите ќе треба да го решиме проблемот“, додаде тој.
Конте рече дека можно е да се стави вето на одлуките околу бегалците кои ќе се донесат на самитот. „Не сакам да имам предвид една таква можност, но можно е да се постигне едно заедничко решение на крајот на самитот“, рече италијанскиот премиер.
Во случај Италија да не биде пречка, се очекува дека во завршната декларација ќе влезе и одлуката за давање на втората финансиска поддршка од 3 милијарди евра, која ЕУ ѝ ја вети на Турција за сириските бегалци.