Sena Güler
28 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
БРИСЕЛ (АА) - Во Брисел денес започна дводневниот самит на лидерите на Европската Унија (ЕУ) на кој најмногу ќе се разговара за прашањето за миграциите, јавува Anadolu Agency (AA).
Се очекува лидерите на ЕУ да разговараат и за односите со Соединетите Американски Држави (САД), европската соработка во областа на одбраната и безбедноста, како и за економската и монетарна унија.
Германската канцеларка Ангела Меркел, по доаѓањето на самитот, за новинарите изјави дека е потребно да се пружи поддршка на земјите кои прифатиле голем број бегалци, напоменувајќи дека во таа смисла потребно е да се искаже солидарност.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, истакна дека соработката е навистина потребна за да се постигне решение за прашањето на миграциите, додавајќи дека тој проблем е невозможно да се реши преку, како што рече, призмата на национализмот.
„Би требало да постигнеме заедничко решение на европско ниво. Би требало да ги заштитиме нашите граници и да покажеме повеќе солидарност“, изјави Макрон.
Австрискиот претседател, Себастијан Курц, кој ја поддржува идејата мигрантите да бидат задржани во „кампови“ надвор од земјите на ЕУ, изјави дека и понатаму поддржува таков предлог.
„Оние кои се спасени во Средоземното Море нема да добијат автоматска дозвола да влезат во централна Европа“, изјави Курц.
Премиерот на Холандија, Марк Руте, истакна дека земјите на ЕУ треба да го контролираат мигрантскиот бран.
„Во таа смисла, сличен договор кој претходно го постигнавме со Турција можеме да имаме и со африканските земји“, изјави Руте.
Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, изјави дека на неговата земја не ѝ се потребни нови примедби по прашањето на мигрантите, туку акција и поддршка на ЕУ.
„Сега мораме да донесеме одлука. Ако на овој самит не може да биде донесена одлука, ќе мораме сами да го решиме тоа прашање“, изјави премиерот на Италија.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравецки, истакна дека неговата земја ќе се спротистави на секој предлог кој подразбира преселување или преместување на бегалците.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, исто така изјави дека граѓаните на неговата земја не сакаат бегалците да влегуваат во Унгарија.
„Луѓето сакаат оние кои се во земјата да бидат депортирани. Мислам дека би требале да дејствуваме во таа насока за да ја обновиме европската демократија“, изјави Орбан.