Kasım İleri
08 Октомври 2017•Ажурирај: 08 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Пентагон соопшти дека ја поддржува Турција во нејзините напори да ги заштити своите граници и во рамките на борбата против тероризмот, да го спречи формирањето на терористичка зона во сирискиот пограничен појас, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Канцеларијата на Пентагон за Блискиот Исток, Ерик Пахон, за АА го коментираше договорот постигнат меѓу Турција, Русија и Иран за формирање на зони без судири во сирискиот Идлиб, и во тој контекст рече дека САД ја поддржуваат Турција како сојузник на НАТО во процесот на заштитата на нејзините граници.
„Режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад северозападниот дел на Сирија направи сигурна зона за терористичката организација Ал Каеда, која не е само закана за народот на Сирија и регионот, туку ги поддржува и другите терористички организации во светот“, наведе Пахон во пишан одговор на поставено новинарско прашање.
Тој истакна дека САД не го промени мислењето за милитантната група Фронтот Нусра, која сѐ уште ја смета за сириски огранок на Ал Каеда, и која сѐ уште е на листата терористички групи.
Потсетувајќи дека Фронтот Нусра претходно се изјасни дека ги прекинал односите со Ал-Каеда, Пахон рече дека тоа не е точно и дека таа група сѐ уште е протагонист на идеите на Ал Каеда, а не заштитник на луѓето во Сирија.
Северната сириска покраина Идлиб се наоѓа на границата со Турција, а делегациите од Турција, Русија и Иран на преговорите во казахстанскиот главен град Астана, тој регион го прогласија за зона без судири, се со цел да се намалат тензиите и судирите во пограничниот сириски појас.
Портпаролот на Пентагон, Пахон, додаде дека САД во оваа фаза не учествуваат во процесот во врска со Идлиб.
Трите земји започнаа процес на имплементација на прекин на судирите во Идлиб така што Турција е земја гарант од страната на сириската опозиција, а додека Русија и Иран гарантираат дека и режимот на Асад ќе го почитува договорот.
Турција ги заврши подготовките за испраќање на припадници на турските вооружени сили во Идлиб за на терен да ја следат имплементацијата на договорот за прекин на судирите.
Идлиб е под контрола на неколку опозициски групи и групи кои самостојно се борат против режимот на Асад.
.