Satuk Buğra Kutlugün
08 Мај 2016•Ажурирај: 09 Мај 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Кога ќе зајде сонцето, двете братчиња од Пакистан влегуваат во вегетативна фаза, т.е тие не можат да се движат, зборуваат, ниту да јадат и пијат, а нивната мозочна активост е минимизирана, јавува Anadolu Agency (AA).
Двете братчиња страдаат од мистериозна состојба поради која влегуваат во одредена вегетативна состојба секој ден по зајдисонце.
Браќата на возраст од 9 и 13 години, преку ден се како и останатите момчиња, но кога ќе зајде сонцето, тие не можат да зборуваат, да чувствуваат глад или жед, а нивната мозочна активност запира.
Во разговор за Anadolu Agency нивниот татко, Мухамед Хашим, рече дека „состојбата со нив е како батериите да им се празнат по зајдисонце”.

„Моите синови ги губат сите сетила и способност за било што, по заоѓањето на сонцето. Тие не јадат, не пијат дури не одат во тоалет. Но, кога сонцето ќе изгрее, тие се враќаат во нормала”, рече Хашим, кој живее во село во близина на северозападниот град Куета.
Како што рече Хашим, од неговите шест деца, две починале како доенчиња, а другите две деца се со добро здравје.
Двете момчиња, кои во Пакистан се познати како „соларни деца”, примаат терапија во државната болница во главниот град Исламабад.
Запрашан за момчињата, претставник од болницата, сакајќи да остане анонимен, изјави дека „вегетативната фаза на момчињата започнува постепено со заоѓање на сонцето и состојбата станува целосно вегетативна кога ќе целосно ќе зајде сонцето”.
„Оваа болест нема ниту име”, додаде претставникот од болницата.
Невообичаената состојба на децата ги вчудоневиди докторите, кои се обидуваат да разберат кои се причините за болеста и како да ја лекуваат.
Примероци од крвта на двете братчиња се испратени на понатамошни испитувања во странство а децата се под присмотра на 13 еминентни доктори и 32 медицински специјалисти.
Во разговор за АА Илкер Јилмаз, невролог од Воената Медицинска Академија во Анкара, кој не е вклучен во тимот доктори кои ги третираат децата, шпекулира дека можно е децата да страдаат од хормонално нарушување.
„Хормонот мелатонин го регулира спиењето, според количеството дневна светлина која што ја добива одредено лице, и ја балансира во текот на ноќта”, рече тој и додаде,
„Но ваквите случаи (на нарушување на хормонот мелатонин) обично се карактеристични за Нордиските земји, каде што дневната светлина е ограничена и индивидуите немаат доволно мелатонин”.