Beyza Binnur Dönmez
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, нареди започнување воена вежба што ја оцени како најважна во историјата на таа земја, која е погодена од длабока политичка криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Големата воена вежба на венецуелските сили ќе трае до петок.
„Мораме да се подготвиме за одбрана на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Венецуела“, рече Мадуро во обраќањето пред војниците во базата „Гуаикаипуро“ во покраината Миранда.
Истакнувајќи дека Венецуела ја негува борбата за зачувување на суверенитетот веќе два века, Мадуро рече дека и војската и народот се подготвени да застанат во одбрана на државата и честа.
Мадуро и синоќа му порача на американскиот претседател, Доналд Трамп, да не се меша со внатрешните работи на Венецуела.
Венецуела е погодена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат на функцијата претседател по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензичноста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Гваидо, на 23 јануари се прогласи за вршител на должноста претседател, за што поддршка му пружија САД и многу европски и латиноамерикански земји.
Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико својата поддршка му ја дадоа на Мадуро.