Rıyaz Khalıq
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Тајланд го ослободи од притвор бахреинскиот фудбалер Хаким ал Араиби, откако Манама го повлече барањето за екстрадиција за него, јавува Anadolu Agency (AA).
Судот во Бангкок денес нареди ослободување на Ал Араиби откако тајландскиот јавен обвинител побара од судот да ја укине претходната одлука за екстрадиција на 25-годишниот фудбалер.
Ал Аиаиби беше притворен во Тајланд во ноември, по пристигнувањето во главниот град на земјата со својата сопруга.
Бахреин побара негова екстрадиција поради случај од 2014 година поврзан со антивладините протести во Манама.
Фудбалерот ги отфрли сите обвиненија против него, оценувајќи ги како политички мотивирани, нагласувајќи дека во времето на извршениот престап за кој се товари играл натпревар кој телевизиски се пренесувал во живо.
Тој од 2014 година живее како бегалец, откако избега од Бахреин поради страв за својот живот.
Притворањето на Ал Араиби предизвика глобално негодување кон постапките на Тајланд и Бахреин, а австралискиот премиер во два наврати упати барање до тајландските власти за ослободување на фудбалерот кој игра за клуб од Мелбурн.
Иако Тајланд и Бахреин немаат заемен договор за екстрадиција, тајландските јавни обвинители го прифатија барањето за екстрадиција бидејќи Бахреин вети реципрочен третман на тајландските граѓани во иднина.