Hakan Ceyhan Aydoğan
25 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров истакна дека напорите за решавање на сириската криза со преговорите во Астана достигнале ново ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров одговараше на прашања од пратениците на Долниот дом на рускиот Парламент во Москва, и изјави дека соработката со Турција, Иран и со другите земји во регионот е проширена кога станува збор за ситуацијата во Сирија. Тој исто така додаде дека благодарение на тоа била договорена евакуацијата на луѓето од Алепо и договорот за прекин на огнот.
„Резултатите од преговорите во Астана, ги подигнаа напорите за решавање на сириската криза на ново ниво“, изјави Лавров запрашан за преговорите кои се одвиваа на почетокот на неделата во главниот град на Казахстан.
Министерот изјави дека во текот на преговорите на руската делегација со сириската опозиција било разговорано за соработката во борбата против тероризмот. Тој нагласи дека Русија, режимот и опозицијата се подготвени да соработуваат во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Лавров изјави дека Русија со страните го споделила нацрт-Уставот во Сирија, кој го имала подготвено, и дека обратиле внимание на позициите на режимот, опозицијата и на регионалните земји.
Освен тоа, Лавров нагласи дека е потребно време и труд за да се надмине моменталната криза во руско-американските односи.
Министерот за надворешни работи на Русија изјави дека таа земја е подготвена да го направи она што може да се направи за нормализација на односите со Вашингтон.
„Потребно е време и сериозни напори за да се надмине направената штета во руско-американските односи, до која дојде за време на мандатот на Обама“, изјави Лавров.
Тој додаде дека не очекуваат магија кога станува збор за нормализација на односите со САД.
„Знаеме дека Трамп е познат како мајстор за договарање. Но и Путин знае да се договара и секогаш тоа го прави за интересите на Русија“, потсети Лавров.
Тој изјави дека сакаат фер деловна соработка со САД и со Кина.
„Доживуваме невиден развој во односите со Кина. Развојот на односите на Русија со која било земја на светот не може да влијае на стратешката деловна руско-кинеска соработка“, изјави Лавров.