Admir Fazlagic
15 Октомври 2017•Ажурирај: 15 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денес во Скопје го оствари своето гласачко право, а по гласањето порача дека очекува изборите да поминат во мирна, демократска и фер атмосфера, јавува Anadolu Agency (AA).
„Денес кога се бира локалната власт, граѓаните можат да ги изберат оние кои за време на изборните кампањи им понудиле дека ќе им го подобрат нивниот живот и условите за живот, затоа што реалниот живот секогаш е на локално ниво и граѓаните очекуваат тие што ќе ги изберат да им го подобрат квалитетот на животот”, изјави претседателот Иванов додавајќи дека очекува и овие, како и сите досегашни избори, како што рече, да покажат зрелост кај граѓаните.
Утрово во 7 часот се отворени гласачките места ширум Македонија за локалните избори на кои граѓаните ќе избираат локална власт за наредните 4 години.
ДИК соопшти дека според податоците добиени од општинските изборни комисии (ОИК), излезеноста до 10 часот на територијата на Македонија изнесува 8,98 проценти.
Локалните избори се одржуваат во 80 општини и Градот Скопје. Се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и 64 кандидати предложени од група избирачи.
Освен за кандидатите за градоначалници, на овие избори учествуваат и 6.627 кандидати на 372 листи за советници во општинските совети.
Избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот, до кога граѓаните ќе можат да го остварат своето право на глас.
За набљудување на изборите Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации на 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и шест странски новинари.
Вториот круг од изборите, онаму каде што во првиот круг гласањето не завршило, ќе се одржи за две недели, на 29 октомври.
Ова се шести локални избори во Република Македонија по нејзиното осамостојување - првите се одржаа во 1996 година, потоа во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.