İdris Okuducu
25 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
ЕРБИЛ (АА) - Гласањето на референдумот за независност на Регионалната курдска управа во северен Ирак (IKBY), кој Федералниот суд на Ирак го прогласи за неуставен и за неважечки, започна во утринските часови.
Гласачките места на референдумот, кој со еднострана одлука го организираше Регионалната курдска управа и кој го бојкотира туркменското и арапското население, отворени се во Ербил, Сулејманије, Духок, Киркук, Салахадин, Тузхумату, Ханекин, Џелавил и Каратепе.
Референдумот се одржува и во делови на Мосул, град неодамна ослободен од терористичката организација ДЕАШ. Отворени се околу 12.000 избирачки места.
Според податоците на Врховната изборна комисија на Ирак, се очекува на референдумот да учествуваат околу 5.200.000 гласачи, од кои во Ербил право на глас имаат 1.200.000 гласачи, а во Сулејманије 1.280.000. Следи Киркук со 750.000, Духок со 800.000, Мосул со 750.000 и останатите места со вкупно 420.000 гласачи.
Претседателот на Регионалната курдска влада на северен Ирак, Месут Барзани, на 7 јуни соопшти дека ќе биде одржан референдум на 25 септември кој ќе го опфати Киркук и другите спорни региони.
Ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади потоа соопшти дека едностраната одлука за одржување на референдумот е неуставна и истакна дека нема да се признаат резултатите од него. Ирачкиот Федерален суд го прогласи рефрендумот за неважечки и наложи негово откажување.
Соединетите Американски Држави (САД) одлуката за одржување на референдумот ја оценија како многу ризичен пат, и побараа откажување на рефрендумот.
Против одржување на рефрендумот се и соседните Турција и Иран, но и меѓународната заедница.