АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп разговараа вечерва телефонски, јавува Anadolu Agency (AA).
Двајцата претседатели разговараа за билатералните односи и за најважните регионални прашања.
Извори од Кабинетот на турскиот претседател наведоа дека Ердоган изразил задоволство од одлуката на САД за повлекување од Сирија, додавајќи дека Турција е спремна на Вашингтон да му пружи секаков вид поддршка во врска со тоа прашање.
Двајцата лидери порачаа дека е важно да биде спроведена мапата на патот за сирискиот Мунбиџ за да се избегне криза на авторитети во регионот, додавајќи дека не треба да се даде можност на некои фактори кои сакаат да го спречат спроведувањето на одлуката за повлекување од Сирија.
Во текот на разговорот Ердоган-Трамп разгледано е и прашањето за формирање безбедна зона очистена од терористички елементи на северот на Сирија, уважувајќи го територијалниот интегритет на таа земја.
Ердоган на Трамп му кажал дека Турција нема проблеми со Курдите и дека нејзина цел е борба против терористичките групи, ДЕАШ, ПКК и продолжените раце на ПКК во Сирија, кои се закана по националната безбедност за неговата земја.
Двајцата претседатели се усогласија дека е потребно економските односи на двете земји да се подигнат на уште повисоко ниво.
- Бела куќа: Трамп и Ердоган разговараа за повлекувањето на САД од Сирија
Белата куќа соопшти дека во текот на разговорот на Ердоган и Трамп се разговарало за повлекување на САД од Сирија и за билатералните односи.
Во пишано соопштение, кое го упати Сара Сандерс, гласноговорничката на Белата куќа, се наведува дека Трамп изразил желба заеднички да работи на разгледување на безбедносните проблеми на Турција на североистокот на Сирија.
Трамп и Ердоган разговараа за соработката во Сирија во време кога американските трупи ќе почнат со повлекување од таа земја.
„Претседателот Трамп рече дека е важно Турција да не се однесува лошо кон Курдите (во Сирија) и силите СДГ со кои соработувавме за да ги поразиме ДЕАШ", се наведува во соопштението на Белата куќа.
На крајот се наведува дека началникот на Генералштабот на американската војска Џозеф Данфорд во вторник ќе се состане со началникот на Генералштабот на турската војска Јашар Гулер и дека ќе разговараат за соработката во Сирија.