Etem Geylan
24 Декември 2016•Ажурирај: 25 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека Турција сака северниот дел на Сирија да биде расчистен од терористите, и дека во тој регион нема да дозволи формирање на било каква држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Истанбул присуствуваше на генералното собрание на Турската канцеларија за надворешна трговија (DEIK), каде што се осврна на актуелните случувања во Турција, но и регионот.
Ердоган истакна дека Европската унија (ЕУ) од 1 јули ветила дека ќе обезбеди три милијарди евра за помош на сириските бегалци во Турција, но, изјави дека до сега стигнале само 677 милиони долари.
Тој нагласи дека не се работи за парите кои влегуваат во турскиот буџет, туку за средствата кои директно ќе бидат проследени до хуманитарните организации.
„Каде се три милијарди евра кои ги ветивте? Ги нема. Освен тоа, буџетите и БДП на овие земји се многу поголеми отколку кај нас. Зошто не доаѓаат? Бидејќи тие немаат таков вид на грижа. Кај нив не постои грижа за човештвото, ниту пак грижа за жртвите и угнетените. Турција е таа која се грижи за нив” , изјави претседателот Ердоган.
Тој потсети дека неговата земја до денес за потребите на бегалците издвоила 20 милијарди долари, и нагласи дека тоа не е мала цифра.
„Каде е Западот? Каде е тој богат Запад? Каде е грижата за човековите права? Кога едно животно е загрозено со нафта веднаш го дигате светот на нозе. На Медитеранот во 2016 година загинаа речиси шест илјади лица. Дали ви е грижа? Канцеларијата за бегалци издаде соопштение. Што има од тоа? Какви мерки се преземени? Ги нема ”, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на ситуацијата на северниот дел на Сирија, и изјави дека Турција од почетокот нагласува дека го сака тој реион расчистен од тероризмот.
„Тоа го бараме од почетокот. Ако тоа не го сториме, Газиантеп е секогаш во опасност, Килис и Шанлифура исто така. Но, што е всушност целта на некои? Да се формира држава во северна Сирија. Нека се знае, нема да дозволиме да се формира таква држава ” , порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.