Burak Bir
04 Јули 2020•Ажурирај: 05 Јули 2020
ЕРЗУРУМ (АА) - Турските безбедносни сили во месец јуни неутрализираа 86 терористи на ЈПГ/ПКК во операции спроведени во границите на Турција и надвор од неа, покажуваат податоците анализирани од Агенција Анадолија (АА).
Антитерористичките операции помеѓу 1 и 30 јуни заеднички ги спроведуваа Националната разузнавачка агенција, Турските вооружени сили, жандармеријата и полицијата во источна и југоисточна Турција и надвор од неа.
Во турските градови приведени се вкупно 370 осомничени за тероризам, од кои 107 потоа останаа во притвор.
Вкупно 13 терористи им се предадоа на турските безбедносни сили во текот на јуни.
Терористот Изет Јигит, кој уби 16 лица во бомбашки напад во 2016 година во селото Дурумлу, југоисточната турска област Дијарбакир, беше меѓу неутрализираните, соопшти на 11 јуни турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
Седум лица, меѓу кои и еден припадник на безбедносните сили, загинаа, а осум лица беа ранети во месец јуни.
Шест цивили починаа, а осум се повредени во нападите на терористичката организација врз цивили, додека еден војник загина во операцијата Канџа-Тигар.
Двајца работници загинаа, а осум беа повредени кога сервисно возило на градежна фирма беше цел на терористите во Чатак, во источната турска област Ван на 8 јуни.
- Уапсени високи припадници на терористичката организација -
Сабри Дал, висок припадник на терористичката ПКК, кој го бараше и Интерпол, беше фатен во заедничка операција на турските безбедносни и разузнавачките единици во подрачјето на Силопи, во југоисточната турска област Ширнак на 19 јуни.
Зилан Демир, со кодното име Зана Мардин, кој беше идентификуван како „поставувач на мини и бомбаш“ во терористичката организација, беше фатен во југоисточната турска област Мардин кон крајот на јуни.
Висок припадник на терорисичката организација, идентификуван само со неговите иницијали, Р.Ј., се предаде на безбедносните сили во турската област Хакќари.
Тој се наоѓаше во портокаловата категорија на листата барани терористи на Турција, која е поделена на пет категории. Во црвената категорија се најбарите терористи, а потоа следат сината, зелената, портокаловата и сивата категорија.
Тарик Кар, со кодно име Хеба Роди, беше фатен и притворен во месец јуни. За неговото апсење имаше распишано награда од 1 милион турски лири (над 147.000 долари).
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е нејзин сириски огранок.