Балкан, Коронавирус

Србија: Медицинската помош од Турција пристигна во Нови Пазар

Со присуство на голем број млади луѓе, кои доброволно се пријавија да помогнат во растоварувањето, контингентот помош беше пречекан со овациите „Турција-Ердоган!“ и колона од автомобили во кои граѓаните носеа турски знамиња

Medin Haliloviç  | 04.07.2020 - Обновена : 05.07.2020
Србија: Медицинската помош од Турција пристигна во Нови Пазар Фото: Medin Haliloviç/АА

НОВИ ПАЗАР (АА) - Хуманитарната помош во медицинска опрема и средства, која денес за општините во Санџак погодени со коронавирусот ја испрати Република Турција, вечерва пристигна во Нови Пазар. Помош во медикаменти и лекови за третман на пациентите со Ковид-19 во Нови Пазар пристигна и од Сараево, јавува Агенција Анадолија (АА).

Медицинската помош наменета за општините во Санџак од Турција, претходно денес пристигна на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, а донесена е со камиони во Општата болница во Нови Пазар.

Со присуство на голем број млади луѓе, кои доброволно се пријавија да помогнат во растоварувањето, контингентот помош беше пречекан со овациите „Турција-Ердоган!“ и колона од автомобили во кои граѓаните носеа турски знамиња.

Турција во Србија испрати 16 тони медицинска опрема наменета за регионот на Санџак.

При преземањето на помошта, претседателката на Бошњачкиот национален совет (BNV), Јасмина Цуриќ, во име на жителите на Санџак, упатувајќи благодарност до Турција, турскиот народ и претседателот Ердоган, изјави дека ова е голема помош.

„Се надевам дека оваа помош ќе ги ублажи последиците од епидемијата и ќе стигне до сите лекари. Навистина сум горда што нашето писмо во кое баравме помош беше сфатено сериозно и што се реагираше брзо. Институциите во Турција се организираа и резултат на тоа е донацијата што пристигна“, рече Цуриќ, додавајќи дека со ова се покажува дека Санџак не е сам и дека има пријатели.

Таа потсети дека помош е побарана и во медицински персонал и дека во тек е административна процедура помеѓу Турција и Србија за доаѓање на лекари во Нови Пазар.

„Направен е список на медицински персонал кој доброволно се пријавил. Тие воглавно се со потекло од Санџак, го говорат босанскиот јазик и со сето срце се заинтересирани да дојдат и да помогнат“, рече претседателката на Бошњачкиот национален совет, изразувајќи очекувања дека овој вид на помош ќе се реализира многу скоро.

Координаторот на Општата болница во Нови Пазар, која доби статус на регионален Ковид центар, д-р Мирсад Ѓерлек, потсети дека бранот на коронавирусот што го зафати Санџак пред десетина дена однел многу животи и дека со помошта што пристигнала од Владата и од претседателот на Србија, пред три дена, успеале да ја стабилизираат ситуацијата.

„Секоја помош ни е добредојдена. Јас ги разбирам емоциите на овие луѓе затоа што гледам заедништво, единствено можеме да победиме само ако сме заедно. Битно е да ни помагаат луѓето додека трае борбата. Стигна сето она што ни треба, што ќе значи спасување на животите во Санџак“, порача Ѓерлек и им се заблагодари на сите што учествуваа во оваа хуманитарна помош.

Дел од контингентот на пристигната помош со заштитна, медицинска опрема, средства за дезинфекција и други видови опрема и помош е наменет и за Тутин и Сеница, општини кои исто така се погодени од пандемијата на Ковид-19.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.