свет

Турскиот министер за одбрана во посета на Либија: „Турција е со своите либиски браќа“

Во текот на вториот ден од работната посета во Либија, турскиот министер Акар рече дека турското присуство во таа земја е во согласност со меѓународното право

Jeyhun Aliyev  | 04.07.2020 - Обновена : 04.07.2020
Турскиот министер за одбрана во посета на Либија: „Турција е со своите либиски браќа“

ТРИПОЛИ

Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека присуството на Турција во Либија е во согласност со меѓународното право и правда, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Турција е заедно со своите либиски браќа. Никој во тоа не треба да се сомнева и нема да се откажеме од тоа“, рече Акар, кој веќе втор ден престојува во работна посета на Либија.

Акар и началникот на Генералштабот на турската Војска, Јашар Ѓулер, вчера пристигнаа во работна посета во главниот град на Либија, Триполи, а на аеродромот „Митига“ во Триполи беа дочекани со највисоки воени почести.

По состанокот со функционерите на меѓународно признаената Влада на национално единство на Либија, турската делегација, што ја предводи министерот Акар, потоа го посети Командниот центар за помош за обука и соработка во областа на одбраната и безбедноста.

Акар и Ѓулер во текот на посетата на теренот собираат информации за имплементацијата на активностите што ги предвидува Меморандумот за воена и безбедносна соработка, кој Турција претходно го потпиша со либиската Влада.

„Нашата војска тука во Либија врши воена обука, соработка и консултации. Се обидуваме да придонесеме кон јакнење на силите на нашите либиски браќа“, рече Акар во обраќањето на турските војници и додаде дека тоа што го прават е од историска важност.

Акар го посети и бродот на турските поморски сили во близина на либискиот брег на Средоземното Море.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.