Burcu Çalık
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ТЕХЕРАН (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Техеран, на трилатералниот Самит на Турција, Русија и Иран за Сирија, повика на прекинување на убивањето во сирискиот Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Техеран денеска е одржан трилатерален Самит за Сирија на кој присуствуваа претседателите на Турција, Русија и Иран, Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани. По Самитот, чиј домаќин беше Рохани, одржана е и заедничка конференција за медиумите.
Турскиот претседател Ердоган на Самитот повика на прекин на умирање на цивилите во сириски Идлиб.
„Денес сме тука за да побараме начин за завршување на хуманитарната драма“, рече Ердоган, и додаде:
„Никако не сакаме народот на Идлиб, кој претрпел голема болка, да биде изложен на нови катастрофи.“
Ердоган во текот на денешниот Самит истакна дека Турција останува присутна, сѐ до потполно зачувување на политичкото, социјалното и географското единство на Сирија.
„Не сакаме Идлиб да стане езеро на крвта. Од вас, пријателите, очекуваме да ни помогнете во тие настојувања“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган додаде дека во наредните денови претставниците на трите земји, во Женева ќе одржат состанок со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Сирија.
Иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека е неопходно да се преземат мерки за да не страдаат цивили во Идлиб.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, во текот на Самитот истакна дека успешната реализација на заедничките договори на трите земји резултирала со продолжување на политичкиот процес, сѐ до наоѓање решение.
Путин додаде дека на предлог на претседателот Ердоган сите страни се повикани да го положат оружјето.
Првиот трилатерален Самит на претседателите на Турција, Русија и Иран, одржан е на 22 ноември минатата година во Сочи, додека втор таков состанок се одржа на 4 април во Претседателската палата во Анкара.