Tuğrul Çam
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ТЕХЕРАН (АА) – На трилатералниот Самит на Турција - Русија - Иран за Сирија, одржан во Техеран, главниот град на Иран, Турција, Русија и Иран, во заедничката изјава истакнаа дека сириската криза и ситуацијата во Идлиб нема да се решаваат со воени средства, туку ќе се разгледаат во рамките на Астанскиот договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателите на Турција, Русија и Иран, Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани, по трилатералниот Самит за Сирија, одржан во Техеран, објавија заедничка изјава.

Во заедничката изјава, се наведува дека тројцата лидери ја разгледале состојбата во Сирија, по вториот Самит што се одржа во Анкара на 4 април 2018 година.
Исто така, во заедничката изјава се наведува дека лидерите го изразиле задоволството од придонесот на средбите кои се одржаа во Астана 2017 година, бидејќи од тогаш до денес во Сирија е намалено насилството и има напредок во мирот, стабилноста и безбедноста во земјата.
„(Лидерите) истакнаа дека суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Арапската Република Сирија се во согласност со целите и принципите на Повелбата на ОН и дека тоа треба да се почитува од сите страни“, се вели во заедничката изјава.
Меѓу другото, „(Лидерите) истакнаа дека се отфрлени какви било иницијативи за формирање нови реалности на терен што ќе водат борба против тероризмот. Исто така, ја изразија својата решеност да застанат против сепаратистичката агенда која има цел да се поткопа националната безбедност на Сирија и на соседните земји, а ја потврдија и решеноста за заштита на територијалниот интегритет на Сирија“, се вели во заедничката изјава.
Во изјавата се наведува дека лидерите се согласиле тензичната ситуација во Идлиб да се намали во рамките на духот и принципите дефинирани на средбите во Астана.
- Заедничка борба против тероризмот
Во заедничката изјава, исто така, стои:
„Потврдена е соработката, со цел целосно да се елиминираат ДЕАШ, сите други лица и иницијативи поврзани со ДЕАШ, потоа фронтот Нусра и Ал Каеда, кои од страна на Советот за безбедност на ОН се дефинирани како терористички групи. Во борбата против тероризмот, вооружените опозициски групи, кои се придружија или ќе се придружат на прекинот на огнот, треба да се одделат од горенаведените терористички групи. Тоа е од големо значење за спречување цивилни жртви.“
- Политичко решение
Во заедничката изјава, лидерите повторија дека нема да има воено решение на сирискиот конфликт, и веруваат дека конфликтот ќе се реши со политички процес.
Со цел спроведување на одлуките од политичкиот процес, донесени на Конгресот за национален дијалог на Сирија во Сочи и во согласност со Резолуцијата 2254 на Обединетите нации, трите земји ја потврдија својата одлучност за продолжување на активната соработка, истакнувајќи:
„(Под водство на лидерите) Обновување на заедничките напори за напредок во изнаоѓање политичко решение за Сиријците и земање обврски за помош во формирањето Уставен комитет и започнување на неговата работа.“
- Враќање на животот во нормала
Во декларацијата на Самитот во Техеран истакната е потребата од вложување на сета поддршка, со цел сите Сиријци повторно да се вратат кон еден нормален и спокоен живот и услови за ублажување на нивната болка.
Во тој контекст, се упатува апел до сите меѓународни институции, првенствено до ОН, за испраќање дополнителна хуманитарна помош, олеснување на активностите за отстранување на мините, доведување во претходната состојба на основните елементи на инфраструктура, вклучуваји ги и социјалните и економските објекти и заштита на историското наследство.
- Враќање
Тројцата лидери, во декларацијата ја истакнуваат потребата од создавање услови со кои ќе се овозможи мигрантите и лицата кои се раселени во рамките на земјата, безбедно и доброволно да се вратат во своите домови.
За таа цел, во декларацијата се истакнува дека е потребна координација меѓу високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) и другите меѓународни специјализирани организации, додавајќи дека „Постои согласност околу идејата за потреба од организирање меѓународна конференција за сириските бегалци и лицата кои се раселени во рамките на земјата.“
- Ослободување на киднапираните
Во заедничката декларација се истакнува задоволство од активностите што ги спроведува Работната група во која учествуваат експертите на Обединетите нации и на Меѓународниот комитет на црвениот крст (ICRC) за ослободување на киднапираните лица, испорака на телата на загинатите и откривање на исчезнатите лица.
Во декларацијата се наведува дека следниот Самит ќе се одржи во Русија.
Првиот Самит за Сирија се одржа на 22 ноември 2017 година во Сочи, вториот на 4 април 2018 година во Анкара. И на двата самита беше истакната посветеноста за сочувување на територијалниот интегритет на Сирија и заедничката борба против тероризмот.