Hanife Sevinç
07 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави оти не постои сомнеж дека судбината на човештвото ќе биде одредена од резултатите од испитот што човештвото го полага во случајот со Палестина и Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
„Прашањето за Палестина и Ерусалим не е само прашање на една нација, град или регион. Поради злото, насилството и неправдата на кое се изложени, Палестинците станаа симбол на сите загрозени и обесправени луѓе во светот“, рече Ердоган во својот говор на церемонијата на доделување на меѓународните награди „Маслинови планини за мир“ и промоцијата на документарниот филм „Минатиот век на Ерусалим“.
Нагласувајќи дека жените во Турција ја креираа Платформата за Ерусалим (Кудс), Ердоган истакна дека тоа ја најавува сигурната победа во палестинската борба, бидејќи половина од работата успешно се завршува веднаш штом жените се зафатат за каков било проблем.
Обвинувајќи го Израел за обид за легитимизација и легализација на окупацијата на палестинската земја и злосторствата против Палестинците, Ердоган рече дека пасивното однесување на меѓународната заедница кон страдањата на палестинскиот народ претставува назнака за иднината во која никој нема да биде безбеден.
„Лицемерието на меѓународната заедница, а особено на меѓународните организации за зачувување на мирот и безбедноста во светот, повеќе не може да се скрие. Напротив, ова достигна ниво кое веќе не може да се толерира. Ние на тоа одговараме со пораката дека светот е поголем од петте големи сили“, рече Ердоган.
Тој истакна дека се неопходни реформи во Обединетите нации (ОН), бидејќи стана премногу јасно дека оваа организација не може да ја исполнува задачата што ја има.
„Системот кој безбедноста во целиот свет ја препушта на интересите, па дури и на задоволството на пет земји, не може да биде одржлив. Неопходно е да и се бара реформа во Обединетите нации“, рече Ердоган.
Потсетувајќи дека Турција во рамките на своите граници згрижи 3,5 милиони сириски бегалци, Ердоган рече дека земјата ќе продолжи да обезбедува помош за своите соседи и браќа, без оглед на тоа дали меѓународната заедница ќе ѝ помогне во тоа.
„Ќе продолжиме да помагаме и немаме проблеми. Досега потрошивме 31 милијарда долари и сметаме дека тоа е наша човечка обврска. Доброто со добро се враќа, без оглед на тоа дали ветените евра ќе дојдат од Запад. Досега дадоа 1,85 милиони евра, од ветените шест милиони евра. Тоа е Западот и треба добро да го запознаеме. Јас го запознав добро во својот премиерски и претседателски живот“, рече Ердоган.
Тој понатаму нагласи дека Турција ќе продолжи по својот пат и ќе им помага на сите загрозени луѓе од Палестина, Сирија, Африка и другите региони.
Потсетувајќи на претходната посета на Палестина, Ердоган рече дека израелските сили го провериле неговото возило и несоодветно се однесувале кон делегацијата, и дека тогашниот израелски премиер Ариел Шарон на билатералната средба му открил дека најмногу уживал во задачите на тенкистите, додека биле убивани Палестинците.
„Можете ли да го замислите тоа? Таков е карактерот на овие луѓе, такви се. Затоа, мора да бидеме праведни, искрени и да не им нанесуваме зло на другите. Наше е да го кренеме гласот за нашите палестински браќа и да бидеме со нив“, заклучи Ердоган.