Alma Çekovic
07 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска во Анкара се состана со претседателот на Големото народно Собрание на Турција, Исмаил Кахраман, со кого разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ истакна дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е најзаслужен за зближувањето на Србија и Турција, и дека се залага за градење мостови, а не за рушење на она што земјите со векови го граделе.

Тој истакна дека односите меѓу Србија и Турција се сè подобри и изрази надеж дека соработката во тој правец ќе се развива во сите сфери на општествениот живот.
„Мора да бидеме брзи и силни во развојот на нашите економски и политички односи, но и во јакнењето на општествените и културните врски“, истакна Вучиќ.

Од Кабинетот на српскиот претседател соопштено е дека двајцата соговорници заклучиле оти одржувањето на стабилноста во регионот на Југоисточна Европа и јакнењето на регионалната соработка, каде што важна улога имаат Србија и Турција, е во интерес, како за двете земји, така и за регионот во целина.
- Вучиќ во Анкара го посети мавзолејот Аниткабир -
Српскиот претседател во рамките на официјалната посета на Анкара денес го посети Аниткабир, мавзолејот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Вучиќ ја предводеше српската делегација во положувањето венци и оддавањето почест во комплексот Аниткабир.

На посетата на Вучиќ на Аниткабир присуствуваа и заменик-премиерот на Република Турција, Фикри Ишик, и турскиот амбасадор во Белград, Тању Билгич.

Српскиот претседател му оддаде почит на основачот на модерната турска држава, Ататурк, запишувајќи се во Книгата за впечатоци и изрази уверување дека односите помеѓу Србија и Турција ќе се развиваат во заемен интерес и во интерес на народите на овие земји.
Тој додаде дека Србија сака да има најдобри можни односи со Турција. Во продолжението на посетата на Анкара, Вучиќ ќе биде примен од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Претседателската палата.