АНКАРА (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР -
Отстранувањето на ДЕАШ и од последните населени места во источниот дел на Еуфрат во Сирија, и апелот на претседателот на САД, Доналд Трамп, упатен до Европа за да ги враќа назад своите граѓани кои се вклучиле во оваа терористичка организација, уште еднаш го покажаа недостатокот на желбата и неподготвеноста на овие земји во врска со ова прашање, пишува Anadolu Agency (AA).
Откако САД и терористичката организација ЈПГ/ПКК ја презедоа контролата врз последното населено место кое ДЕАШ го држеше под контрола во источниот дел на Еуфрат, се поставуваа прашања во врска со судбината на терористите на ДЕАШ.
Поголемиот дел од тие што заглавија во местото Багоз, во Деир ез Зор се странски терористи.
Десетици припадници на ДЕАШ коишто го оставија своето оружје откако Багоз падна под окупација на ЈПГ/ПКК, и прифатија да се предадат, како и нивните семејства, со камиони беа испратени на нафтеното поле „Ел Омер“ во Деир ез Зор, кое е користено како база од страна на силите на САД, но не се знае судбината на овие лица.
Во ова место сè уште се наоѓаат стотици терористи на ДЕАШ и нивните семејства.
„Бараме од Велика Британија, Франција, Германија и другите сојузници од Европа да ги земат 800-те милитанти на ДЕАШ што ги фативме во Сирија, и да ги судат. ДЕАШ е близу до колапс. Другата алтернатива која не е добра, е дека ќе бидеме принудени да ги ослободиме“, напиша Трамп на социјалните мрежи изминатата недела, нешто што го актуализираше и недостатокот на желба и неподготвеноста на европските земји во врска со ова прашање.
По изјавите на Трамп, министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, рече дека оваа состојба не е толку лесна како што мислат САД, и дека најпрвин треба да се дознае на кое ниво овие граѓани биле вклучени во активностите на ДЕАШ во Сирија.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив ле Дриан, нагласи дека сè уште не е ставен крај на ДЕАШ, а министерката за правда на оваа земја, Никол Белубе, рече: „Франција во оваа фаза не одговори на барањата (на Трамп) за враќање на стотици милитанти“.
Се знае дека Британија не ги сака своите граѓани кои биле вклучени во ДЕАШ, и ја прифаќа практиката на укинување на нивното државјанство.
- Недостатоци во правосудниот систем -
Западните земји не презедоа некаква мерка против странските терористички борци кои Обединетите нации (ОН) ги опишуваат како „индивидуи кои патуваат во една земја каде што немаат дозвола за престој или државјанство, за инфилтрирање, планирање, подготвување и учествување во терористички активности, како и за добивање обука за оваа цел“.
Покрај долгогодишните повици на Турција, правосудниот систем на земјите за кои станува збор има недостатоци во насока на судењето на ваквите кривични дела.
Поради тоа што овие кривични дела се извршени во странство и е тешко да се докаже какви кривични дела извршиле овие лица во рамки на ДЕАШ, може да бидат изречени многу лесни казни во случај да бидат судени во нивните земји.
Исто така, постои и ризик од тоа откако припадниците на ДЕАШ ќе се вратат во нивните земји, по поминувањето на судските процеси, да бидат ослободени за кратко време. Поради оваа причина, земјите од Европа одлучуваат да чекаат припадниците на ДЕАШ да бидат неутрализирани во земјите каде што се наоѓаат.
- Ризик од донесување на нивните терористички искуства -
Друга причина поради која на Западот му недостасува желба во оваа насока, е што во случај странските терористички борци да бидат ставени во затвор постои можност да ги радикализираат постоечките затвореници.
Во случај странските терористички групи кои нашле прилика да ја шират нивната радикална идеологија, да бидат ослободени поради недостатоци во правосудниот систем, постои загриженост дека е можно да ги тероризираат изворните земји. Искуствата на овие лица за планирање, подготвување и извршување терористички активности што ги добиле на терен, претставуваат ризик за извршување напад во нивните земји или формирање нови ќелии.
- Физички и економски причини -
Секој терорист кој е вратен, треба да се држи во посебни ќелии со цел да се спречи радикализирање на другите затвореници. Но, ова не се гледа како можно поради физичките и економските можности.
Исто така, технологијата која ќе се користи за следење на овие терористи и лицата со кои ќе контактираат, има мошне висока цена. Се вели дека ваков систем би чинел милиони евра по терорист.
- Мерките што ги презеде Турција -
Турција упатува апели до земјите од Европа за да преземат мерки за борба против странските терористички борци, а со внимание ги спроведува мерките што ги презеде на почетокот од граѓанската војна.
Според информациите добиени од дипломатски извори, од 2011 година досега на 70.519 лица им било забрането да влезат во Турција.
Странците кои на илегален начин влегле во земјата, и за кои се сомнева дека имаат врска со терористички организации, се ставаат под административен надзор, а потоа се депортираат. Во овие рамки се депортирани 7.060 лица.