АНКАРА (АА) - Може да се забележи дека со приближувањето на претседателските избори во поголем дел од европските земји, меѓу кои и Франција, Холандија и Германија, поради бегалската криза, ксенофобијата и реториката против муслиманите, екстремно десничарските партии и нивните лидери забележуваат пораст на процентот на гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во европските земји Франција, Холандија, Австрија, Германија, Италија, Грција, екстремно десничарските партии забележуваат зголемен раст на гласовите, со што успеваат да добијат свои претставници во Парламентот и стануваат сериозен конкурент на власта или на централната десница или левица, кои се партнери на власта.
АА побара мислење од неколкумина експерти за издигнувањето на екстремно десничарските партии во европските земји, кои истакнаа дека најголем фактор за овој пораст е омразата кон странците и кон исламот, придружена со „застрашувачка реторика“.
Околу забележаниот раст на расизмот забележан во последните години во земјите на ЕУ, со новинарот на АА разговараше Џамел Ел Хамри, претседател на Академијата на исламска мисла, кој истакна дека омразата кон исламот е причина за воздигнувањето на екстремно десничарските партии во последните 30 години.
Ел Хамри истакна: „Особено во последните 15 години, омразата кон исламот стана најдобар аргумент на екстремната десница“.
Истите гледишта ги има и Самир Амгхар, истражувач на Европската фондација за демократија, кој ги истражува патиштата за превенција од радикализацијата во Европа. Амгхар истакна дека последните години расте омразата кон муслиманите во Европа и дека екстремно десничарските партии се хранат со омразата кон исламот.
Амгхар вели: „Европејците сакаат да слушаат зборови на омраза кон муслиманите, и затоа екстремно десничарските партии ќе продолжат со својата реторика против исламот“.
- Ле Пен во Франција -
Еден од најсериозните примери за издигнување на екстремната десница може да се забележи во Франција. Жан-Мари Ле Пен, поранешен лидер на партијата Национален фронт (ФН), кој го привлече вниманието врз партијата со реториката против странците, бегалците и против исламот, на претседателските избори во 2007 година освои 10,44 отсто од гласовите, додека бројот на гласови што на претседателските избори во 2012 ги освои оваа партија под лидерство на неговата ќерка, Мари Ле Пен, достигна 18 отсто од гласовите.
На 23. април и 7. мај, во Франција се одржуваат претседателски избори, а според извршените анкети, се очекува Мари Ле Пен да го добие првиот круг на гласањето и да премине во вториот круг. Според последните анкети, Ле Пен во моментов има околу 27 отсто од гласовите, а сличен процент од 27,7 отсто, партијата Национален фронт освои на локалните избори во 2015 година.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, за издигнувањето на екстремната десница рече дека екстремната десница во Франција е во постојан подем и предупреди: „Во последните 30 години, екстремната десница никогаш не била толку моќна како денес“. Оланд истакна дека екстремната десница нема да потклекне и дека претседателските избори нема да одлучат само за иднината на Франција, туку и за иднината на Европа.
- Вилдерс во Холандија -
Друга земја во која е забележан подем на гласовите на екстремната десница е Холандија, каде што на 15. март ќе се одржат претседателски избори
Во последните години, во Холандија, гласовите на екстремната десница беа поделени меѓу поголем број партии, но по основањето на Партијата на слободата (ПВВ) во 2006, од страна на Герт Вилдерс, екстремната десница тргна во подем. На изборите што се одржуваа од 2006 година досега, ПВВ освојува повеќе од 10 отсто од гласовите.
Според последните анкети, голема е веројатноста на изборите што ќе се одржат идната недела, Партијата на слободата на Вилдерс да биде победник. Последните изјави на Вилдерс се дека ќе го забрани Куранот во Холандија и тој побара да се затворат сите џамии во земјата.
На општите избори во 2006 година, ПВВ освои 5,9 отсто, во 2012 година 10,1 отсто, со што во Парламентот на Холандија освои 15 пратенички места.
- Германија -
И во Германија, која ја нарекуваат и локомотива на Европската Унија, се забележува подем на екстремната десница, кој се забрза по бегалската криза што настана во 2015 година. Одлуката на германската Влада да прими околу 1 милион бегалци, само ја зацврсти позицијата на екстремната десница во земјата.
Во Германија, во преден план се јавува Национал-демократската партија (НПД), за чие десно крило, Алтернатива за Германија (АфД) е донесена одлука за затворање. И покрај тоа што на изборите во Европскиот парламент освои само 1 отсто од гласовите, поранешниот претседател на партијата НПД, Удо Воигт успеа да влезе во Парламентот.
Следната година во Германија, партијата Патриотски европјани против исламизација на западниот свет (ПЕГИДА) успеа да собере илјадници луѓе на протестите против исламот. Под влијание на овие протести, во земјата се забрза подемот на екстремната десница.
АфД на општите избори во 2013 година освои 4,7 отсто од гласовите. На општите избори што ќе се одржат во септември, според последните анкети, се очекува АфД да освои околу 8 отсто од гласовите и да дојде на третата позицијата меѓу партиите во земјата.
- ФПО во Австрија -
Претставник на екстремната десница во Австрија е Партијата на слободата на Австрија (ФПО), која го привлекува вниманието со големиот процент на освоени гласови на изборите во последните години. ФПО на општите избори во 2008 година освои 17,5 отсто од гласовите, додека во 2013, процентот на освоени гласови се издигна на 20,6 отсто.
Партијата ФПО, која во почетокот гласовите ги освојуваше на ниво на сојузните покраини, со текот на годините оствари зголемување на бројот на освоени гласови на државно ниво. Во моментов, ФПО е трета по големина партија во Австрија.
На претседателските избори во Австрија, кои се одржаа во 2016 година, членот на ФПО, Норберт Хофер во првиот круг од гласањето освои 35 отсто од гласовите, додека во вториот поништен круг на гласањето освои 49,7 отсто. Во повторениот втор круг од гласањето, Хофер освои 46,2 отсто од гласовите, со што загуби пред кандидатот на зелената партија, Александар Ван дер Белен.
- Расистичката Златна Зора во Грција -
До 2000 година, екстремната десница немаше некое значајно влијание во Грција, но од таа година досега забележува забрзан подем. Особено во 2008 година, за време на економската криза во земјата, вниманието врз себе го привлече расистичката Златна Зора.
Партијата Златна Зора, која е позната по насилството на нејзините членови врз странците, освојувајќи 7 отсто на општите избори во 2012 и 2015 година, доби право на свои претставници во Парламентот.
Златна Зора, која е трета партија во грчкото Собрание, покрај расистичките реторики и искази против исламот, се истакнува и со својот став против Европската Унија. Се вели дека економската криза и прашањето на бегалците во Грција им го трасираа патот за екстремно десните партии во земјата, како што е Златна Зора, да стекнат поголема моќ.
- Италија -
Партијата Северна лига за независност, која во Италија е позната по својот став против бегалците и Движењето 5 ѕвезди, кое е познато по своите популистички реторики, се екстремно десничарски партии коишто се истакнуваат во последните години.
Лидерот на Движењето 5 ѕвезди, комичарот Бепе Грило, кој се истакнува со своите излагања против глобализацијата и Европската Унија, по основањето на партијата во 2009 година забележува постојан подем на локалните и на општите избори во Италија. Партијата на последните општи избори во 2013 година освои 25 отсто од гласовите, со што стана втора партија, но по коалицијата што ја формираа останатите партии, остана надвор од власта.
Матео Салвини, лидер на партијата Северна лига за независност, кој на изборите во 2013 година освои 4,1 отсто од гласовите, упати пофални зборови за претседателот на САД, Доналд Трамп, лидерката на екстремната десница во Франција, Мари Ле Пен и за претседателот на Русија, Владимир Путин. Партијата Северна лига за независност предлага во Италија да биде формиран федерален систам и на северните делови да им се даде автономија.
- Скандинавија -
Во скандинавските земји, кои се познати по тоа што со нив раководат левоориентираните партии, во последниве години се забележува подем на екстремно десничарската идеологија.
Во Шведска, која е една од скандинавските земји, партијата на Шведски демократи е позната по омразата кон странците и бегалците. Таа на локалните избори во 2002 година имаше освоено 1 отсто од гласовите, додека веќе во 2014 година освои 13 отсто. Оваа партија е предводена од Џими Акесон, а во парламентот има 20 пратеници.
Партијата Шведски демократи на изборите за Европскиот парламент, во 2014 година, освои место за двајца свои претставници со освоени 9,7 отсто од гласовите.
Во Финска, партијата на Вистински Финци, предводена од Тимо Соини, која е позната по својот популистички и националистички став, на општите избори во 2007 година освои 4,1 отсто од гласовите, 19,1отсто во 2011, а 17,7 отсто од гласовите во 2015.
Партијата на Вистински Финци, која во 2007 година беше најмала партија во финскиот Парламент, во последните години бележи значителен подем и стана политички моќна. Лидерот на партијата, Тимо Соини, по општите избори во 2015 година, како коалициски партнер стана министер за надворешни работи на Финска.
Претставник на екстремната десница во Данска е Народната партија. Партијата којашто стана позната по преземените активности против божјиот пратеник Мухамед и Куранот, на изборите во 2011 година освои 12,3 отсто од гласовите, додека веќе во 2015 година, бројот на освоените гласови се искачи на 21,2 отсто, со што стана втора партија по големина во земјата.
Партијата, којашто покажува став против бегалците, поради својата политика беше критикувана на меѓународно поле.
news_share_descriptionsubscription_contact
