Yusuf Özcan
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ПАРИЗ (АА) - Протестите поради планираното поскапување на цената на горивата, кои во Франција започнаа во саботата, продолжуваат и денес, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите наречени „жолти елеци“ низ земјата продолжуваат со своето изразување незадоволство поради најавените поскапувања на горивата и воведувањето на дополнителни даноци.
Така, денес ги блокираа влезовите и излезите на бројни бензински пумпи низ земјата.
Демонстрантите ги блокираа и улиците во градовите, меѓу кои и во Кале, Вилфранш на Сена и Белфорт. Жителите велат дека од утринските часови чекаат за деблокада на улиците.
Јавниот емитер „France Info“ јави дека во демонстрациите во Сен Дизје е тешко повредено едно лице.
„Жолтите елеци“ најавија големи протести во Париз за в сабота.
Францускиот премиер Едуард Филип синоќа соопшти дека го разбира гневот на демонстрантите кои учествуваа на протестите, но најави продолжување на реформите.
Министерството за внатрешни работи на Франција претходно соопшти дека на протестите одржани во саботата низ земјата учествувале околу 287.000 луѓе. Повредени се 409 лица, а 157 се приведени.
Француските медиуми јавуваат дека на вчерашните демонстрации присуствувале околу 40.000 луѓе.