Furkan Naci Top
24 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
АТИНА - Најмалку 76 лица загинаа во пожарите што го зафатија подрачјето во близина на грчкиот главен град Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Противпожарната служба соопшти дека во пожарите животот го загубиле 79 лица, а повредени се 164, од кои 23 деца. Се додава дека меѓу повредените 11 лица се здобиле со потешки повреди.
Спасувачките единици, исто така, соопштија дека над 100 лица се водат за исчезнати, додека локалните власти наведоа дека стравуваат од зголемување на бројот на жртвите.

Грција побара меѓународна помош од Европската Унија, бидејќи пожарите од двете страни на Атина оставија зад себе запалени автомобили, јагленисани полиња и шуми.
Поради пожарите стотици луѓе бегаа преку плажите, со цел да се евакуираат со поморски бродови, јахти и рибарски бротчиња.
Под контрола е голем дел од пожарите во шумското подрачје на Рафина и Пентели во североисточна Атика, каде што пожарот првично избувна. Акциите за пребарување и спасување се во тек.

Потпаролот на грчката Влада, Димитрис Цанакопулос, претходно изјави дека се повредени 156 лица, вклучувајќи 16 деца. Меѓу нив, 11 се во тешка здравствена состојба.
Поради листата на исчезнати лица доставен на полицијата, постои стравување дека бројот на мртви не е конечен.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас прогласи тридневна национална жалост поради жртвите во пожарите. Со одлука на претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, знамињата на оваа зграда се спуштени на половина копје.
Бројни пожарникарски екипи со помош на канадери и хеликоптери, се борат со огнената стихија во неколку атински подрачја. Проблем претставува силниот ветер кој често го менува правецот.
Небото над Атина е прекриено со густ чад, а на пожарникарите им помагаат војската и другите расположливи служби.