Ekipa
16 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
ЕРБИЛ (АА) - Језидскиот милитант, кој две и пол години се борел во редовите на терористичката организација ПКК во ирачкиот град Мосул, изјави дека ПКК имала тајни средби со ДЕАШ, на кои било договорено заедничко делување на двете организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Језидскиот милитант од Синџар, недалеку од Мосул, кој од безбедносни причини не сакаше да се открие неговиот идентитет, во разговор за АА зборуваше за своите искуства за време на неговиот престој во редовите на терористичката организација ПКК.
Откако ДЕАШ во август 2014 година ги нападна Језидите во Синџар, језидскиот милитант истакна дека поради несигурноста што постоела тогаш, паднале во стапицата на ПКК. После тоа, овој Језид две години и четири месеци бил активен во воени кампови на терористичката oрганизација ПКК.
Борејќи се во редовите на ПКК во Синџар, истакна дека во тој период, како и многу други Језиди, го открил вистинското лице на организацијата. Како што рече, сфатил дека ПКК само дава слика за борба против ДЕАШ, за да ги измами Језидите.
Тоа е, според него, таен договор меѓу ПКК и ДЕАШ.
„Сфатив дека ПКК се договорила со ДЕАШ за да презеде одредени делови во Синџар. За да предизвика задоволство кај Језидите, ДЕАШ според договорот со ПКК се повлече од одредени области. На тој начин е прикажана наводна борба меѓу ПКК и ДЕАШ“, истакна одметнатиот милитант.
На прашањето од каде поседува информации за таен договор меѓу ПКК и ДЕАШ, одговара: „Милитантите на ДЕАШ неколкупати доаѓаа во униформи на ПКК во нашиот воен камп“.
Откако забележал дека дошло до таен договор, овој Језид тврди дека припадниците на ПКК му се заканиле со смрт.
„Водечките имиња на ПКК, дури и не ја негираа врската со ДЕАШ, од мене побараа да молчам“, истакна поранешниот језидски милитант, кој нагласи дека тогаш почнал да сфаќа дека Језидите се измамени.
„ПКК потоа издаде наредба Језидите да се борат со пешмергите. Но, ние тоа го одбивме и почнавме да го положуваме оружјето, тоа е мојата причина за отстапување“, рече тој.
Понатаму тој наведува дека милитантите на ПКК во Синџар имаат многу силни врски и со иранските команданти.
„ПКК секогаш настојуваше да ги сокрие своите врски со Иран. Воените претставници на оваа земја, исто така, го посетуваа Синџар, но се чуваа подалеку од нашите кампови. Со иранските воени претставници зборуваа само водечките лица на ПКК“, рече тој.
Она што, според него, e најлошо од сѐ е фактот што иднината на језидските деца e во голема опасност.
„ПКК, језидските деца од Синџар ги испраќа во Иран, Кандил и во Сирија. За време на престојот во кампот со свои очи гледав како даваат оружје во рацете на дете од осум или девет години. ПКК има само една цел, а тоа е обука на милитанти кои ќе пролеваат крв. Језидските деца се обучуваат за таа цел“, нагласи одметнатиот језидски милитант.