Ecenur Çolak
03 Август 2017•Ажурирај: 04 Август 2017
АНКАРА (АА) - Објавен е албумот со фотографии „Istanbul Photo Awards 2017“ со победничките фотографии од меѓународниот натпревар Istanbul Photo Awards, кој по третпат го организира Anadolu Agency (AA). Албумот е достапен во печатена и во електронска форма.
Официјален спонзор е „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс THY), а поддршка даде и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). Во објавениот албум се наоѓа визуелен сублимат на случувањата низ целиот свет кои ја одбележаа 2016 година.
Во албумот со фотографии „Istanbul Photo Awards 2017”, покрај фотографии во категоријата вести, се наоѓаат и фотографии во категоријата природа и спорт. Примероци ќе можат да добијат професионалци кои се занимаваат со фотографија, како во Турција, така и надвор од нејзините граници.
Албумот е достапен и на интернет страницата www.istanbulphotoawards.com, која е официјална страница на ова натпреварување.
На насловнaта страница се наоѓа фотографијата на фрaнцускиот фоторепортер Фредерик Лафарк под наслов „Бегство од ДЕАШ”, која на ова натпреварување беше прогласена за фотографија на годината.
Следната изложба на наградените фотографии на „Istanbul Photo Awardsu 2017” ќе биде отворена на 7. септмври во галеријата „Фолкарт“ во Измир и ќе трае 1 месец.
Првата изложба на наградените фотографии се одржа во Истанбул, по што следеше изложба во Анкара.
Се планира наградените фотографии во октомври да бидат изложени во Њујорк, поточно во седиштето на Обединетите нации и во Москва.
Жири комисијата на Istanbul Photo Awards 2017 ја сочинуваа престижни имиња од светот на фотографијата. Во март годинава, комисијата се состана во Кападокија и ги бираше најдобрите од 25.000 пристигнати фотографии. Членовите на жири комисиите, врз основа на содржината, естетиката и техниката, ги избраа најдобрите фотографии за 2016 година.
Фотографијата „Бегство од ДЕАШ” на францускиот фоторепортер Фредерик Лафарк е избрана за фотографија на годината. Оваа фотографија беше победник во категоријата „Поединечна вест”.
Во категоријата „Серија вести“ првата награда и припадна на Арис Месинис, за серија фотографиите под наслов „Смрт во Медитеранот“, изработени за АФП.
Адам Прити ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија во спорт“ со фотографијата насловена „Под површината“, која ја изработи за Гети Имиџис, додека пак, во категоријата „Серија фотографии од спортот“, првонаграден е Патрик Смит со серија фотографии направени за Гети Имиџис.
Мери Гелман, со серијата фотографии на тема жени – жртви, ја доби првата награда во категоријата „Серија Портрети“, додека пак, жирито не успеа да избере победник за категоријата „Единечен портрет“.
Кемал Џуфри со фотографијата насловена како „Хранење на сирачиња – орангутани“, ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија за природа и животна средина“, а пак, Џони Милер со серијата фотографии кои ги направи за „Millefoto“, а под наслов „Голф – терен 'Papwa Sewgolum'“ беше првонаграден во категоријата „Серија фотографии за природа и животна средина“.
Жирито му ја додели наградата „Млад фоторепортер“ на фоторепортерот Хошам Салем, за фотографијата под наслов „Тренинг на улица во Газа“.